За формирање на војската на Косово ќе бидат потребни 10 години

Потребно е многу повеќе да се направи за да може косовските безбедносни сили да се трансформираат во армија, изјави командантот на КФОР, италијанскиот генерал Салваторе Куочи. Според него, каков и да биде тој долготраен процес, мора да биде прифатлив за сите страни вклучително и за малцинствата.

Тој вели дека формирањето армија е „долга приказна“ нешто што не може да се оствари за еден ден или само со усвојување закони.

Во секој случај, кога ќе биде донесена одлука за тоа, ќе бидат потребни најмалку 10 години за да се формира војска. Прашањето за војската не е само транзиција или трансформација. Тоа е прашање на опрема, обука, способност и капацитети, изјави Куочи за приштински медиуми.

Тој потсети дека КФОР ја поддржува трансформацијата на косовските безбедносни сили и уставните промени во овој поглед.

Ги поддржуваме уставните измени, трансформацијата или транзицијата, како и да биде одлучено. Тоа значи дека без оглед на процесот, тој мора да биде прифатлив за сите страни, вклучувајќи ги и малцинствата. Затоа  НАТО ги поддржува уставните измени, а ако не биде така, позицијата на Алијансата ќе биде ревидирана на највисоко ниво во рамките на сојузот,  рече Куочи.