Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: За граѓаните и за ГРЕКО видливи се само криминалните тендери на власта

За граѓаните и за ГРЕКО видливи се само криминалните тендери на власта

Единствено нешто на што е посветена Владата е криминално прелевање на државните пари во џебовите на министрите, преку компаниите и организациите на нивните соработници, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на владиното соопштение за спроведувањето на препораките од ГРЕКО (Групата на земји против корупцијата).

Од опозициската партија наведуваат дека анализата со која се фали власта е насочена само кон начините како да го заштити криминалот и корупцијата за која, како што велат, сведочи домашната и меѓународна јавност.

„Видливи и за македонските граѓани и за ГРЕКО се само криминалните милионски тендери и бесрамното црпење на буџетските фондови додека судството е ставено во стега за врвот на овој криминален клан да се спасат од правдата. Лажната декларативната заложба за борбата против корупцијата е препознаена и од ГРЕКО и од граѓаните. Концептот на лажната отвореност, отчетност и транспарентност завршува со секој нов криминален скандал на оваа власт“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека одговорност за криминалот и корупцијата во врвот на власта мора да има и ќе има тогаш кога Република Македонија и правосудството ќе се ослободат, како што се вели, од канџите на аболицирани и помилувани криминалци на власт.