За инцидентот на Орце Николов: „Пајакот“ не бил крив, каблите биле премногу ниски

Пајак-возилото на Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“  (ПОЦ) не е виновно за вчерашниот инцидент на улицата Орце Николов во Дебар маало, туку каблите кои биле премногу ниско.

„Сакаме да Ве известиме дека според записникот од извршен увид на лице место од страна на овластените службени лица при Министерството за Внатрешни Работи на Р. Македонија и мерките земени во моментот на случката, се констатирало дека каблите кои што требале да бидат на висина од најмалку 4,5 метри според член 37 од Законот за јавните патишта (http://makedonijapat.com.mk/uploads/JAVNITE_PATISTA.pdf), биле под прописот за над 90 центиметри. Службените лица од T-home претпоставуваат дека поради лошите временски услови се намалила затегнатоста на каблите и се спуштиле под дозволената висина. Висината на пајак возилото со товар, според записникот, во тој момент била 3,6 метри“, се вели во информацијата на ПОЦ.

Пајак-возилото вчера околу 16 часа со кранот за кревање искина десетици кабли за интернет, телефон, телевизија, па и струја на улицата Орце Николов во близина на раскрсницата со Рузвелтова.