За изградба на патишта ќе се инвестираат 250 милиони евра

За изградба на патишта ќе се инвестираат 250 милиони евра
За изградба на патишта ќе се инвестираат 250 милиони евра

Осумдесет милијарда денари во изминативе години се потрошени за изградба на патишта и железници, истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески на собраниската расправа за буџетот за 2016 година.

Во образложението за Предлог-буџетот тој рече дека капиталните инвестиции за идната година се планирани на износ од 25 милијарди денари, како развојна компонента на Буџетот што директно ќе помогне за динамизирање на економската активност во 2016 година. Капиталните инвестиции за догодина, според Ставрески, се за 2,8 милијарди денари поголеми отколку во 2015 година, што е раст од 12,9 проценти.

-Инвестициите се за значајни проекти во делот на патната инфраструктура, каде се планирани 250 милиони евра за патишта, а за железничката  инфраструктура се предвидени 2,2 милијарди денари, потенцира Ставрески.

Со Предлог-буџетот за 2016 година ќе се овозможи историски највисоко ниво на инвестиции, ќе се зголемат пензиите и надоместоците за социјална помош, а буџетскиот дефицит ќе се намали од 3,6 на 3,2 процента од БДП.

-Ќе се продолжи со политиките за грижа за социјално ранливите категории, пред сè за примателите на социјална помош и пензионерите, како и земјоделците за коишто во Буџетот за 2016 година се предвидени повисоки износи на средства и нови зголемувања на социјалната помош и на пензиите, наведе Ставрески.

Според него, оваа година се завршува со силна буџетска позиција, со добра ликвидност на Буџетот и навремено и редовно сервисирање на сите обврски од него.

-Тоа ни создава добра основа за во 2016 година да влеземе со добра буџетска позиција и со салдо и со динамика коишто ќе овозможат да се остварат очекувањата за 2016 година, а тоа е буџетскиот дефицит да се намали од 3,6 на 3,2 процента од БДП, рече Ставрески.

На реплика на Маријанчо Николов, Ставрески исто така посочи дека за разлика од СДСМ кој отпуштил 300.000 работници оставајќи ги на улица, оваа Влада помогнала преку активните мерки и политики, заклучно со 2015 година да се отворат 133.000 работни места.

Во патната инфраструктира се инвестира како никогаш досега

Изградбата на патишта е еден од приоритетите на Владата. Во периодот од 2006-та година до сега изградени се и реконструирани неколку автопати и делници во должина од 73 километри и вкупна инвестиција од 166 милиони евра.

Во моментов се градат три нови автопати Демир-Капија – Смоквица на Коридорот 10, автопат Мајка Тереза на релација Кичево – Охрид и автопат Гоце Делчев на релација Миладиновце (Скопје) – Штип. Во тек е рехабилитација на автопатска делница од Велес до Катланово (Скопје). Вкупно во тек е изградба на 155,7 километри нова автопатска мрежа или инвестиција од околу 795 милиони евра:

-Изградба на автопат Демир Капија- Смоквица, во должина од 28,2 км како дел од Коридорот 10. Вкупната инвестициона вредност изнесува 210 милиони евра.

-Изградба на автопат Миладиновце – Штип (автопат Гоце Делчев), во должина изнесува 47 километри инвестиција изнесува 206 милиони евра.

-Изградба на автопат Кичево –Охрид (автопат Мајка Тереза) во должина од 57 километри. Инвестицијата е вредна 374 милиони евра.

-Рехабилитација на автопатска делница Велес-Катланово (Скопје), со должина од 23,5 километри. Инвестицијта е вредна 5,6 милиони евра.

Се инвестира и во изградба на локални и регионални патишта, а најавени е изградба и на експресни магистрали. Од 2006 година се до почетокот на 2015 година изградени и рехабилитирани се 39 регионални и магистрални патни правци со вкупна должина од околу 510 километри или вкупна инвестиција од над 93 милиони евра.

Инвестициски циклус во железничката инфраструктура

Во делот на инфраструктурата, започнат е инвестициски циклус со кој комплетно ќе се променат транспортните коридири. Во овие нови проекти влегува изградбата на пругата кон Република Бугарија во три фази, како и плановите за изградба на пруга кон Албанија а исто така и изградбата на пругата кон Кременица како нов алтернативен пристап кон Југ.

Многу значен проект е изградбата на новата пруга кон Република Бугарија и кон Република Албанија. Со изградбата на оваа пруга, Република Македонија ќе добие железничко поврзување кон исток и кон запад, важен сегмент за регионалното поврзување.

Истовремено се реконструира железничката станица во Скопје. Вредноста на проектот е 2,5 милиони евра, а реконструкцијата ќе заврши 2015 година.

Во фаза на реконструкција се и 10 железнички станици на Коридорот 10 и кракот 10Д- проектот е во вредност од околу 2,5 милиони евра.

Набавени се нови 150 товарни вагони за потребите на МЖ Траспорт АД- инвестицијата е вредна 13,2 милиони евра. Исто така набавени се 6 нови возови. Од нив 4 се дизел а 2 се електро-моторни возови. Инвестицијата е вредна 25 милиони евра.