Милошоски: Надпартиски договор без странски агенди, за излез од кризата

Внатрешно обединување против вмешување во внатрешните работи на Република Македонија, од страна на странски политичари или држави кои што се косат со концептот на почитување на суверенитетот или се спротивни на принципот за  добрососедски односи, предложи денеска на прес-конференција, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Интегрален текст од говорот на Милошоски: 

Водејќи се од принципот за Единствена Република Македонија, а со цел да извлечеме поуки и да понудиме решение за излез од сегашната политичка криза, но и од можни идни политички кризи и случувања како партија го посочуваме следниот патоказ:

Создавање на надпартиски договор за секое идно принципиелно решавање на внатрешни разлики, во рамки само на институциите на државата, без странски агенди или претставници, и единствено од страна на легитимно избрани претставници на македонските граѓани.

Внатрешно обединување против вмешување во внатрешните работи на Република Македонија, од страна на странски политичари или држави кои што се косат со концептот на почитување на суверенитетот или се спротивни на принципот за  добрососедски односи.

Заеднички да отфрлиме планови и платформи или агенди кои се надвор од нашето уставно уредување или се спротивни на македонските стратегиски- државни интереси.

Или со други зборови заеднички да создаваме планови и платформи и агенди кои што се во интерес на уставното уредување на Република Македонија и стратешките интереси на државата.

Осуда на секој директен или индиректен ревизионизам на Охридскиот Рамковен договор, кој е целосно вграден во Уставот на Република Македонија и нашето уредување.

И од сите овие посочени принципи за изнаоѓање на одржливи решенија на тековната политичка криза и на можни идни, слични случувања и нивно навремено превенирање и одбегнување неопходно е најпрво транспарентно сите релевантни политички чинители да постигнат договор околу следните прашања и тези:

  1. Да се усогласиме дали важноста на политичката праксата за Коалицирање на победник со победник е фактор на дополнителна стабилност во државата дали како таква треба опстои или се отфрла сега и во иднина. Доколку се отфрла тоа би било во интерес на изедначување на гласот на секој пратеник, со сите логични последици од таков чекор ?

– Ова е неопходен предуслов со цел одбегнеме двојни стандарди во домашната политика и менување на политичките традиции, обичаи зависно од изборните резултати. На долг рок усогласувањето околу овој принцип и неговото важење или отфрлање ќе донесе поголема предвидливост на политичката сцена.

  1. Дали се прифатливи странските агенди во внатрешно-политички цели или пак единствено тие кои што се претставени и верификувани од граѓаните на Република Македонија на избори се актуелни, релевантни и продуктивни агенди за државата ?
  2. Дали при конституирање на Собранието, сегашното но и во секој иден состав позицијата Претседател на Собранието на Република Македонија логично би му следело на политичката коалиција или партија којашто победила на изборите или треба да биде предмет на надгласување ?

– Во истиот контекст, кои би биле гаранциите дека оваа позиција Претседателот на Собранието на Република Македонија не би била злоупотребена за политички махинации со цел одложување на одредени закажани или превидени избори и игнорирање на волјата на мнозинството граѓани кои што имаат најголем број на изгласани пратеници во Собранието ?

  1. Дали се сите политички актери согласни со задржувањето на мултикултурниот модел македонското општество со подеднаква промоција на сите заедници или се поддржува промена на овој моделот во двонационален, на сметка на повеќето не мнозински заедници ?
  2. Дали врвен приоритет во овој момент останува стабилизирањето на земјата, институциите, економијата и европските реформи за евроинтеграции како обединителна сила за сите граѓани, или пак сите овие приоритети треба да се заменат со редефинирање на односите помеѓу заедниците и државното устројство на Република Македонија ?

ВМРО-ДПМНЕ има изградено позиции по овие прашања кои што се водат од заедничкиот интерес на државата и на сите нејзини граѓани без оглед на нивната етничка или политичка вероисповед.

Неопходно за излез од кризата низ дијалог единствено од избрани претставници на избори во рамки на Собранието на Република Македонија, да се изнајдат заеднички именители за овие позиции и тези по овие клучни прашања. Врз основа на таквите постигнати решенија и заеднички политички именители може да се насочиме кон одржливост на решенијата и помирување околу тоа што не обединува сите во Република Македонија.