За Јапонците Анџелина Џоли е расист

Конзервативците во Јапонија ја обвинија Анџелина Џоли за расизам, поради начинот на кој ги прикажала Јапонците во нејзиниот филм „Unbroken“.

Дел од нив побраа забрана за емитување на филмот во Јапонија и воедно на актерката и режисерка да не и се дозволува влез во земјата, нагласувајќи дека чуварите во јапонските воени логори во „Unbroken“ се опишани неточно.

Филмот говори за животот на американскиот атлетичар и потпоручник Луј Замперини за време на Втората светска војна, при што е прикажано како е малтретиран и измачуван од страна на јапонските војници во воен логор во периодот од јули 1943 до август 1945.

„Unbroken“ е снимен врз основа на истоимената книга на Лора Хиленбренд од 2010 година, во која јапонските логорски чувари се обвинети и за канибализам.

Генералниот скеретар на јапонската лоби група, Здружение за ширење на историските факти, Хиромичи Мотеки вели дека филмот е целосно „фабрикуван“.

– Ако не постои потврда за тоа што го кажал (Замперини), тогаш никој не може да изнесува такви тврдења. Филмот нема кредибилитет и е неморален, вели Мотеки.