За која политичка опција во Македонија навиваат Грците ?

Одлуките и пораките од конвенцијата на ВМРО ДПМНЕ се најдоа во огромен број грчки медиуми. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, грчките телевизии, весници и интернет портали јавуваат дека кандидат на владејачката партија за претседателските избори е актуелниот претседател Ѓорге Иванов, како и тоа дека премиерот Никола Груевски порача дека ВМРО ДПМНЕ е подготвена да оди на предвремени парламентарни избори.

“Во следните денови се очекува и најголемата опозициска партија СДСМ да го објави својот кандидат за претседателските избори. Но сепак, според политичките аналитичари, независно од тоа кој ќе биде опозицискиот кандидат ќе биде премногу тешко да го победи Иванов или кој било друг кандидат од партијата на премиерот Никола Груeвски”, се вели во текстот на „Та неа“.

„Последните претседателски избори во земјата беа одржани во пролетта 2009 та и тогаш Ѓорге Иванов беше избран за претседател на Македонија, како кандидат од ВМРО ДПМНЕ на Никола Груевски, победувајќи го притоа кандидатот на опозицискиот СДСМ, Љубомир Фрчковски”, се вели во извештајот на телевизијата „Алфа“.

„Предвремени избори во Македонија на 27-ми април” е насловот под кој весникот „Елефтеротипија“ пишува дека македонскиот Премиер изјави дека ВМРО ДПМНЕ е подготвена да оди на предвремени парламентарни избори.

Грчките медиуми известија и за пораката на Груевски дека ВМРО ДПМНЕ нема да ги прифати екстремните позиции на националистичката Влада на Грција, насочени кон уништување на Македонскиот национален идентитет.

„ВМРО ДПМНЕ најмногу сака решение на проблемот со името креиран од нашиот јужен сосед и како и во минатото, ќе продолжиме да ги правиме сите напори за да го решиме. Затоа што сакаме да се приклучиме кон НАТО и кон ЕУ и затоа што не сакаме да имаме лоши односи со Грција или со кој било друг сосед”, е цитатот на Груевски што го пренесуваат „Елефтеротипија“, „Newspost“, „Thebestgr“ итн.

За која политичка опција во Македонија навиваат Грците е лесно да се утврди, барем според вниманието и задоволството со кое што грчките медиуми ги проследуваат изјавите на највидните членови на СДСМ и нивните коалициски партнери.

Така беше со предлогот на Ивон Величковски од Либералната партија да се забрани и казнува истакнувањето на нашиот симбол сонцето од Кутлеш.

Со исто такво должно внимание беа проследени и изјавите на Тито Петковски од ЛДП и Љубчо Георгиевски од ВМРО НП, во кои што тие порачуваа дека мора да си го смениме името и дека не е важно дали ќе сме биле горна или долна, односно дека не било ништо драматично ако сме биле северна.

Со најголемо задоволство и интерес сепак се проследуваат ставовите на врвот на СДСМ, почнувајќи од Бранко Црвенковски и неговиот обид за хумор на сметка на македонската кралска династија овековечена во проектот Скопје 2014 та и изјавите на Зоран Заев дека треба да си ја свиткаме кичмата за името и дека за СДСМ е прифатливо име со географска одредница.

А последна која што предизвика сензација кај јужниот сосед е потпретседателската на СДСМ Радмила Шеќеринска со интервјуто за грчки Еуроактив во која таа жестоко ја нападна македонската Влада во однос на проблемот што Атина го има со нашето уставно име. Интервјуто потоа беше користено од страна на партијата на Самарас како аргумент против Македонија, во обидот македонската страна да ја прикажат како неконструктивна во разговорите за наоѓање решение.

Ова не беше прв пат СДСМ да им дава аргументи на Грците во нивна полза, а на штета на Македонија.

Нередите што СДСМ ги предизвикуваше во и надвор од Собранието пред една година јужниот сосед во континуитет ги користеше во обидот да ја убеди меѓународната заедница дека во Македонија има демокраски дефицит и дека земјата на заслужува членство во евро-атлантските структури. Истовремено, тогашниот шеф на дипломатија Димитрис Аврамопулос брифираше грчки новинари дека Грција има “план за успешно справување со прашањето со Скопје” на меѓународна сцена и дека најсилен аргумент од планот се токму внатрешно-политичките случувања во Македонија.