За љубовта некои прават големи нешта, а некои стравични злосторства

За неполна година македонската јавност беше сведок на неколку љубовни врски со фатална завршница. За нешто повеќе од шест месеци на подрачјето на Скопје се случија три трагични настани, во кои љубовните несогласувања завршија кобно по животите на партнерите. Прво, двојното убиство и самоубиство во Кисела Вода, пет месеци подоцна убиството и самоубиството во населбата Ново Лисиче, а само пред неколку дена и двојното убиство и самоубиство во скопски Аеродром.

Она што е заедничко за сите три случаи е дека убијците претходно воопшто не биле агресивни лица, туку напротив, биле едни сосема нормални, обични и мирни луѓе и како што велат познаниците, момчиња за пример.

Меѓутоа психологот Зоран Михајловски вели дека не може за сите случаи да се даде генерална одредница.

„Сите случаи се комбинација од лични особини, причини, околности. Чиста коинциденција е што сите случаи се во краток период. Но, вакви трагедии за жал се случувале и ќе се случуваат. Претходно неагресивните луѓе, кои потоа извршиле убиство, можеме да ги споредиме со садистите, кои во меѓувреме биле и грижливи татковци“, вели Михајловски.

Тој додава дека длабоко во човекот постои преграда, дека секој има две страни, како и паричката, односно дека секој има конструктивна и деструктивна страна.

Некои луѓе се поготвени да направат страшно големи нешта за љубовта, вели Михајловски, но некои пак се подготвени да направат нешто стравично.

„Љубовта, несогласувањата, љубовните проблеми се длабок извор во емоционалниот живот на луѓето, а љубовта и омразата, како што велат, се први братучеди“, вели Михајловски, кој додава дека љубовта и омразата се на растојание од еден милиметар и дека секогаш кога постои љубов постои можност омразата да тропне на врата.

„Најлоша е рамнодушноста“, вели тој.

Михајловски објаснува дека во добар дел од нас постои потенцијал за драстични настани, меѓутоа нагласува дека секој реагира различно и за среќа ваквите немили настани се реткост, алудирајќи дека последните зачестени трагедии се само грешка во статистиката.

„Човекот знае да биде опасно суров и во афективна состојба да направи лоши работи, за кои подоцна се кае. Некој тоа го прави со лоши зборови, некој физички, а некој се одлучува на драстичен чекор. Човекот дури се кае и пред да стори лошо дело, во случајот свесен дека со тоа ќе згасне нечиј живот, дека ќе стави крај на нечија егзистенција, но и на својата, со оглед на тоа дека ќе заврши зад решетки. Меѓутоа мотивите одекнуваат како накнадна слика, иако човековото битие се буни, затоа што рационалните сознанија се во позадина“, додава Михајловски.

двојно-убиство-и-самоубиство-во-Аеродром-51

За потсетување, најсвеж во меморијата е случајот на двојното убиство и самоубиство во скопската населба Аеродром, кога  триесет и шестгодишниот Игор Спасовски од скопско Зелениково ги застрела сестрите Наташа Ристиќ и Билјана Богдановска, пред очите на двете малолетни деца на Наташа, а потоа и самиот си пресуди. На трагичниот настан му претходела расправија, но извори блиски до покојната Наташа велат дека Игор никогаш претходно не бил агресивен, туку напротив бил преногу вљубен во неа. Причините за трагедијата се уште остануваат нејасни, меѓутоа она што е очигледно е дека Игор веќе некое време имал план за целиот настан, со оглед на тоа дека оставил проштално писмо и пари за својот погреб.

p6

Само два месеци порано јавноста беше шокирана од убиството и самоубиството кое се случи во скопско Ново Лисиче. Четириесет и двегодишниот Горан С. од Арачиново по вербална расправија со еден куршум ја застрелал својата девојка, триесет и осумгодишната Адриана С. од Штип, а потоа и самиот си го одзел животот. Горан претходно бил вработен во ЈСП.

kola-ubistvo

За време на новогодишните празници оваа година три семејства беа завиени во црно. Триесет и четиригодишниот Кирил Ристевски од скопската населба Кисела Вода, прво во авотмобил пред зградата во која живеел ја застрелал својата девојка, Марта Перин (27), а потоа се качил во неговиот стан и ја застрелал неговата свршеница, дваесет и седумгодишната Виолета Талевска. За кратко време, откако неговата баба, која живеела во истиот стан, го пријавила случајот во полиција, во дворот на училиштето „Круме Кепески“, на стотина метри од неговиот дом, било пронајдено и мртвото тело на младиот Кирил, за кого познаниците велат дека бил момче за пример.