За локалните избори во Албанија се печати пропаганден материјал и на македонски јазик

Централната изборна комисија на Албанија, за претстојните локални избори, кои ќе се одржат во недела на 21 јуни отпечати пропаганден материјал и на Македонски јазик, пренесува МИА.

– Ваков материјал, но во помал обем имаше и на минатите избори. Тоа како резултат на нашите барања, како на македонските друштва така и на нашата единствена партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). На наредните избори се надеваме дека ќе успееме да добиеме и гласачки ливчиња на македонски јазик, вели Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото „Илинден“.

МАЕИ, која е дел од широката лева коалиција „Алијанса за европска Албанија“(АСЕ), предводена од владејачката социјалистичка партија на премиерот Еди Рама, на изборите настапува со еден кандидат за градоначалник и 16 кандидатски листи за советници (од вкупно 61 општина).

Актуелниот градоначалник на Пустрец, Едмонд Темелко, ќе се обиде довербата да ја добие по третпат, а на кандидатски листи во трка за советничко место се 200 Македонци, што е најголема бројка до сега.

Со своја листа за советници МАЕИ се јавува и во Тирана чиј совет брои 62 советника. Листата на МАЕИ за Тирана ја предводи Никола Ѓурѓај.