За мандатите на опозиционерите ќе се одлучува по 22-ри декември

Комисијата за мандатно-имунитетни и деловнички прашања даде препорака да им се одземат мандатите на 31 пратеник од листите на СДСМ поради неоправдано отсуство од Парламентот повеќе од 6 месеци. Препораката, како што пишува денеска „Дневник“, неможе да се очекува да биде ставена на дневен ред пред 22-ри декември. Од друга страна, Брисел упати јасна и недвосмислена порака да се воспостави парламентарен дијалог и опозицијата да се врати во Парламентот.

Комисијата за мандатно-имунитетни и деловнички прашања даде препорака да им се одземат мандатите на 31 пратеник од листите на СДСМ поради неоправдано отсуство од Парламентот повеќе од 6 месеци. Препораката беше донесена минатата недела и според одредбите од Уставот, по препораката се расправа првата наредна седница. Но, иако оваа одредба наведува на помислата дека претстои брза разрешница на шестмесечниот бојкот, сепак весникот „Дневник“ повикувајќи се на собраниски извори пишува дека тоа нема да се случи толку брзо.

„Дневник“  повикувајќи се на истите извори пишува дека точката на дневен ред ќе се стави на седница по 22-ри декември иако седници пред овој термин ќе има. Одложувањето и „играњето“ со правилата е затоа што и власта и опозицијата се уште не се откажале од тоа да се најде политичко решение за блокираниот политички дијалог и бојкотот на СДСМ по изборите во април.

Имено, ако се погледне собранискиот календар од донесувањето на препораката пред една недела веќе се закажани две нови седници. Едната е на 15-ти, другата на 18-ти декември. Во нивниот дневен ред ја нема точката со одземањето на мандатите, но според најавите од собраниски извори, нема ни да биде додадена директно на самото заседание.

Седницата наредниот понеделник не влегува во уставните одредби дека комисискиот заклучок треба да се разгледа „на првата наредна седница“ бидејќи веќе беше закажана пред седницата на Комисијата за мандатно-имунитетни и деловнички прашања.

– Седницата на 18-ти декември има само една точка на дневен ред и така мора да остане. Се работоти за годишното обраќање на шефот на државата пред парламентарците. На вакви свечени и специјални седници нема други точки на дневен ред. Практично првата редовна седница би била некаде по 22 декември, вели собраниски извор за „Дневник“.

Според Уставот, за одземање на мандатите, ќе бидат потребни 82 гласа, односно двотретинско мнозинство. Сепак, останува незивесно како ќе гласа владејачкото мнозинство поради тактизирањето со евентуални преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Брисел со јасна порака до опозицијата

Од друга страна, Брисел упати јасна и недвосмислена порака да се воспостави парламентарен дијалог и опозицијата да се врати во Парламентот. Највисоките меѓународни претставници упатија јасна порака до СДСМ да се врати во Собранието.

Иво Вајгл, словенечкиот европарламентарец кој е новиот известувач за Македонија викендов во интервју за Алфа изјави дека лично на лидерот на СДСМ му кажал дека опозицијата мора да се врати во Парламентот.

– Дојдов до сознание дека прва работа која Македонија сама мора да ја реши е да воспостави нормален парламентарен однос меѓу опозицијата и владата. Парламентот е место каде со соочуваат ставовите и каде може да се води дијалог за несогласувањата, за проблемите. Тоа значи дека опозицијата мора да се врати во Парламентот. Тоа беше и мојата порака до лидерот на опозицијата – кога се има 30 проценти од гласовите, се има голема моќ, се има значаен мандат на своите гласачи и тој треба да се искористи, а не да практично се отфрли. Но тоа бара и почитување од страна на владата и партиите победнички на изборите, вели Вајгл.

Повик до опозицијата да се врати во Парламентот стигна и директно од новиот еврокомесар за проширување Јоханес Хан.

– Би сакал уште еднаш да ги повикам сите политички партии да имаат политичка дебата во парламентот, а не надвор од парламентот. Особено би сакал да ја видам опозицијата да се врати во Собранието и секогаш кога ќе можам ќе го кажувам ова и во тој поглед, моја намера е да остварам брза посета на Република Македонија во јануари следната година. Да имам прв состанок со водечките личности на различните политички партии со цел да се направи понатамошен прогрес и да се напредува, вели Јоханес Хан, Еврокомесар за соседство и преговори за проширување.

Хан воедно најави посета во јануари во Скопје, посочи дека Европската комисија бара начин за одблокирање на евроинтеграциите на Македонија и другите земји од регионот.

„Доколку ја сакате државата, вратете се во Парламентот“,  гласеше пораката од европратеничката Маријана Петир до опозицијата. Во интервју за  „Република“, членот на мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија испрати и директна порака до опозицијата да не го сопираат европскиот пат на Македонија.

– Една од сериозните замерки на европската комисија е токму неучеството на опозицијата во работата на парламентот и оваа прилика ја користам да ги повикам сите оние кои ја сакаат Македонија и и посакуваат добро, за отворените проблеми да зборуваат во парламентот и да не го сопираат европскиот пат на Македонија. Верувам дека таков потег би влијаел битно и на мислењето на комисијата и на засилениот ангажман на Комисијата кој е потребен да се совладаат сегашните бариери кои постојат во соседните земји, потенцира Петир.

Европратеничката изјави дека политичката зрелост подразбира почитување на изборните резултати и ставање на државните над партиските интереси.

– Сметам дека дијалогот нема алтернатива, односно оти сите проблеми мораат да се решаваат на местата предвидени за тоа и со луѓето кои имаат надлежност за нивно решавање. Нема подобро место за таков политички дијалог од македонскиот парламент. Предизвиците на политичкиот процес кои се пред Македонија, самите по себе се доволно големи и за нивно решавање е потребен консензус на сите политички опции. Политичката зрелост подразбира почитување на изборните резултати и сузбивање на партиските и/или поединечните интереси. Ако на македонските политичари им значи иднината на Македонија и нејзиниот напредок, тие мораат да ги сузбијат меѓусебните несогласувања и да се усогласат околу тоа дека добробитта на нивната држава и нивниот народ е на прво место, дека е добро за Македонија сама да ги отстрани препреките кои може да ги отстрани за да ги одблокира преговорите и оти местото за таков разговор и такво решение е македонскиот парламент, а не улицата, изјави хрватската европратеничка.

И поранешниот известител за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит со иста порака.

-Бојкотот не е решение, надминување на проблемите е знак за зрела демократија. Моите наоди се дека партиите тоа го немаат сфатено и нивна задача е тоа да го подобрат. Внатрешни  поделби не можат да се решат однадвор. Сметам дека постои неуспех во однос на политичкиот дијалог во земјата, рече Ховит, на  јавното предавање по повод примопредавањето на функцијата Известувач во ЕП за Р. Македонија.