За Меркел сегашниот договор за иранската нуклеарна програма не е доволен

Постојниот договор за иранската нуклеарна програма не е доволна за зауздување на амбициите на Техеран, изјави во петокот германската канцеларка Ангела Меркел во текот на нејзината посета на Вашингтон, каде што најави претходно дека ќе се обиде да го одговори американскиот претседател Доналд Трамп САД да излезат од овој договор на Иран и шесте светски сили.

„Мислиме дека овој договор е првата етапа којашто придонеса за забавување на нивните активности, но ние исто така мислиме, од германски аспект, дека тоа не е доволно за да се зауздат и под контрола да се стават иранските амбиции“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, пренесе агенцијата AFP.

Според овој текст кој го договорија Иран и шесте големи сили, од кои пет постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија, Техеран се согласи да ја замрзне својата нуклеарна програма на збогатување ураниум и затворање на центрифугите за тоа до високо ниво од кое лесно може да се дојде до нуклеарна бомба до 2025 година. За возврат беа укинати дел од децениските меѓународни санкции против Иран кој и натаму тврди дека неговата нуклеарна програма никогаш не била воена, туку во научни и медицински цели.

„Европската унија и САД мора да бидат усогласени по тоа прашање“, изјави Меркел на заедничката прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп е жесток противник на договорот потпишан во јули 2015 година и на 12-ти мај мора да објави дали САД ќе се повлечат од него. Американскиот претседател во петокот остро ја критикуваше иранската влада и ја нарече „смртоносна“.

„Иранскиот режим поттикнува насилство, крвопролевање и хаос на целиот Блиски исток. Мораме да бидеме сигурни дека тој смртоносен режим не се приближува до нуклеарното оружје и Иран да ја прекине својата поддршка на тероризмот. Брз разлика каде на Блискиот исток, каде што постои проблем, таму е Иран“, заклучи Трамп пренебрегнувајќи го фактот дека на истите точки се и САД.

Трамп рече дека Иран нема да дојде до нуклеарно оружје, но одби да одговори на прашањето дали би земал предвид употреба на сила против тоа, како што се закануваше во случајот со Северна Кореја, наведува агенцијата Reuters. Е

„Не зборувам за тоа дали би или не употребил воена сила. Но можам да ви го кажам следново: нема да произведуваат нуклеарно оружје. Тоа можам да ви го кажам“, рече Трамп.

Во вторникот во Вашингтон францускиот претседател Емануел Макрон му предложи на американскиот колега по должност да не се откажува од почетниот договор за иранската нуклеарна програма, кој би станал прв од четирите столбови на новиот договор. Другите би ги зафатиле иранските нуклеарни амбиции надвор од рамките на сегашниот договор, програмата за балистички прокетили и политичките решенија за сузбивање на активностите на шиитски Иран во земјите со шиитски заедници на Блискиот исток, како Сирија, Ирак, Либан и Јемен. Тоа всушност би одело во полза на западните сунитски сојузници во регионот, во прв ред Саудиска Арабија.

Иранскиот претседател Хасан Роухани ги отфрли најавите за измените на договорот кои ги предложи Макрон, посочувајќи дека ниту францускиот ниту американскиот челник немаат право да навлегуваат во спогодбата која е склучена во периодот на нивните претходници на должноста, а потписнички се уште четири големи сили. Иран ќе преземе „големки чекори во нашата нуклеарна технологија“, изјави Роухани во средата и го предупреди Трамп дека ќе понесе сериозни последици, но додаде дека мерките ќе бидат „мирољубиви“.

Во меѓувреме иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, ги повика сите муслимански земји да се обединат против САД и другите „арогантни сили“ и повтори дека Техеран нема никогаш да отстапи пред насилниците. Хамнеи порача дека Иран успешно се спротиставил на американскиот притисок и дека така ќе продолжи.