Македонија

За модернизација на Вруток одвоени 36,6 милиони евра

За модернизација на Вруток одвоени 36,6 милиони евра

Директорот на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, во своето гостување на вестите на Канал 5 говореше за придобивките од модернизацијата и ревитализацијата на хидроцентралата Вруток, во која ќе се вложат 36,6 милиони евра.

Како што истакна Бошковски, со овие активности ќе се продолжи животниот век на хидроцентралите низ целата земја, а со градежните активности животниот век на хидроенергетскиот потенцијал во Македонија ќе се зголеми за 50 години.

„Вруток е најголемата електрана која има посебно значење. Тука се наоѓа командната соба на управувањето на електричниот и енергетскиот систем на Македонија и количината на електрична енергија која се произведува. Тука со модернизацијата и ревитализацијата се вложени најголеми средства, односно со регулаторни трансформатори, нови блок трансформатори, 4 нови агрегати и опрема околу сите нив“, изјави Бошковски за вестите на Канал 5.

Како што истакна тој, минатиот месец заврши тест периодот на последниот агрегат којшто беше модернизиран, потенцирајќи дека околу 3,2 милиони евра отпаднале на останатите електрани, додека околу 33 мил евра се инвестирани во Маврово, кој е најголем хидроенергетски потенцијал во Македонија.

Директорот на ЕЛЕМ изјави дека со ова се добиени 50 гигават часови електрична енергија, за поголема ефикасност.

„Очекуваме да заврши тест периодот за ветерниот парк Богданци, Бошков мост, Луково поле, надградбата на Шпиље, отворање на нови рудни копови. Во континуитет имаме отворање нови објекти, кои ќе користат на сегашната и идните генерации“, заклучи тој.

Како што изјави Бошковски, за овој проект партнер беше германската „KfW“ која учествува во обезбедување на дел од средствата наменети за оваа потреба.