„За муслиманите од Европа треба да важи Шеријатот“

Претседателот на Муслиманската унија во Чешка, Мухамед Абас смета дека би било добро муслиманите кои живеат во Европа да можат да го следат исламскиот шеријатски закон, пренесе дописникот на МИА од Прага.

Абас, кој претходно е познат по своите ставови за поддршка на каменувањето и смета дека жените имаат понизок статус од мажите, за масакрот во редакцијата на сатиричниот весник „Шарли ебдо“ во Париз, рече дека зад сето тоа стои некоја тајна служба.

Абас во изјава за државната телевизија ЧТ излезе со идеја дека за муслиманската заедница треба да се направи исклучок од правилата кои важат во европските држави и за нив да важат правилата на Шеријатот.

– Таков обид има во Канада, па дури и се зборува за тоа во Англија. За Британците тоа не би требало да е нешто туѓо, бидејќи тоа на пример го правеа во Судан. Кога таму владееле, имало англо-индиски закон, но луѓето кога сакале да го земат наследеното право…го брани својот став Абас.

Се смета дека зад него стои помала група на чешки муслимани, бидејќи во 2008-2009 година дојде во конфликт со остатокот од заедницата која е организирана и во Здружение на повеќе локални муслимански заедници.