За напаѓачот од Сиднеј, Иран пред 14 години барал екстрадиција

Иранските власти соопштија дека уште пред 14 години побарале од Австралија да го екстрадира иранскиот имигрант Ман Харон Монис, по кого тие имале распишано потерница, но Владата во Канбера го отфрлила барањето, пренесува МИА.

Монис, кој вчера беше убиен во интервенција на австралиските командоси, откако 16 часови држеше дваесетина заложници во едно кафуле во Сиднеј, во 1996 година дошол во Австралија, прикажувајќи се како политички бегалец, па набрзо добил и политички азил.

Командантот на иранската полиција, генерал Исмаил Ахмади Могхарем во изјавата за австралиските медиуми, меѓутоа, рече дека Монис, кој во Иран се нарекувал Мантеки, во неговата матична земја е гонет за измаама, а не поради политички убедувања.

Иранскиот генерал објасни дека Монис работел како директор на една туристичка фирма, но кога бил обвинет за финансиска измама, побегнал од Иран за да не биде уапсен. Прво заминал во Малезија од каде со лажен идентитет дошол во Австралија, каде трајно се населил.

– Иако Иран и Австралија имаат билатералена спогодба за екстрадиција на криминални престапници, австралиските власти постојано одбиваа да го екстрадираат, рече командантот на иранската полиција.

Австралиските безбедносни агенции соопштија дека тие го не третирале Манис како осомничен, ниту како поврзан со исламистичките движења. За него се знае само дека бил вклучен во активностите околу религиозните прашања. Подоцна, самиот се прогласил за религиозен лидер во Сиднеј и барал да го нарекуваат шеик.

Медиумите во Сиднеј открија дека иако неповрзан со радикалниот ислам, тој сепак им пишувал навредливи писма на роднините на австралиските војници, загинати во Авганистан, нарекувајќи ги „касапи“, а се подговувал такви писма да им праќа и на роднините на убиените британски војници.

Во Австралија од пред две години е обвинет за помагање при убиството на неговата поранешна сопруга, како и за сексулани напади врз десетици жени, но тој тоа категорично го демантира, па бил пуштен со кауција до следното судско рочиште.

Во понеделникот наутро по австралиско време, додека жителите на Сиднеј одеа на работа, тој влета вооружен во кафулето „Линд“ во деловниот центар на градот, земајќи ги како заложници сите кои во тој момент беа во објектот. При операцијата на спасување на заложниците, загинаа менаџерот на кафулето и една жена, а четири други лица беа повредени.