За нега на Шумахер семејството плаќа 125.000 евра неделно

Семејството на Михаел Шумахер наводно плаќа по 125.000 евра неделно за нега на седумкратниот Ф1 шампион.

На почетокот на овој месец Михаел Шумахер ја напушти Универзитетската клиника во Лозана и опоравувањето го продолжи во семејната куќа во Швајцарија.

Легендарниот Германец заработи тешки повреди по падот за време на скијање и помина речиси шест месеци во кома во болницата во Гренобл, а во јануари беше префрлен во Лозана.

Од Универзитетската клиника во Лозана потврдија дека нивниот персонал е целосно обучен за потребите на опоравувањето и додале дека продолжиле да му помагаат на седумкраниот шампион во неговата куќа.

Медиумите пренесуваат дека за Шумахер се грижат 15 луѓе во текот на целиот ден, но воедно додаваат дека нивните плати и опремата предизвикуваат големи трошоци за семејството на легендарниот возач. Се спомнува сума од 125.000 евра неделно.

Сепак, Шумахер во текот на својата кариера, но и по завршувањето на истата доволно заработил за да може да ги покрие сите овие трошоци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.