За Нова година и за Божик најмногу неработни денови во Црна Гора

За Нова година и верскиот празник Божик од сите земји во балканскиот регион најмногу неработни денови ќе имаат жителите на Црна Гора каде за Нова година не се работи два дена, а по три дена ќе празнуваат припадниците на католичка и православна вероисповед за Божик, додека жителите на останатите земји од регионот ќе имаат помалку неработни денови, пишува МИА.

Министерството за труд и социјална политика на Црна Гора соопшти дека за претстојните празници Нова година и Божик, неработни денови во земјата ќе бидат 1 и 2 јануари, како и 6, 7 и 8 јануари 2015 година за припадниците на православната вероисповед.

„Врз основа на законот за државни и други празници, Нова година се празнува на 1 и 2 јануари. Исто така, врз основа на Законот за верски празници, верниците од православна вероисповед ќе имаат право на платено отсуство од работа на 6,7 и 8 јануари“, соопшти Министерството за труд и социјална политика на Црна Гора. Освен тоа, за претстојниот католички Божик за вработените од римокатоличка вероисповед неработни денови се 24, 25 и 26 декември.

Неработни денови во Албанија ќе бидат 25 декември и 1 и 2 јануари, додека 6 и 7 јануари се неработни за припадниците од православна вероисповед.

Според податоците на Министерството за труд на Србија, неработни денови во земјата ќе бидат 1 и 2 јануари за Нова година, како и 7 јануари за православен Божик, додека 25 декември е неработен само за католичките верници.

Жителите на Босна и Херцеговина нема да работат за 1 и 2 јануари. Според Законот за пранзици во Федерацијата БиХ, Нова година се слави на 1 и 2 јануари, додека за божикните празници 7 јануари и 25 декември ќе бидат неработни само за лицата што ги одбележуваат овие верски празници. Според законот за празници на Република Српска ќе имаат по два дена за католички, односно православен Божик лицата кои го одбележуваат празникот.

Населението на Косово по повод претстојните празници нема да работи на 1 и 2 јануари, како и на 7 јануари и 25 декември за верниците од православна и католичка вероисповед.

Жителите на Македонија за време на претстојните празници ќе имаат четири неработни денови. Според законот за празници неработни денови се 1, 6 и 7 јануари за православен Божик за сите сите граѓани, а 25 декември е неработен за припадниците на католичка вероисповед.

И жителите на Хрватска ќе имаат на располагање четири неработни денови – 1 јануари за Нова година, 25 и 26 декември за католички Божик и 6 јануари за празникот Богојавление.