За новиот амбасадор на САД во Македонија живеат Словени и Албанци

Новиот американски амбасадор Џес Липинкот Бејли доаѓа на служба во земјава со негација на постоењето на македонскиот народ. Имено, тој искажал теза дека во Македонија живеат мнозинство Словени и малцинство етнички Албанци.

Наследникот на Пол Волерс, оваа опасна теза ја искажа пред три дена, на испрашувањето во Комитетот за надворешни односи на Соединетите Држави по повод неговото испраќање на служба во Скопје.

Најпрво, целата провокација ја започна сенаторот Крис Марфи, претседавач со Комитетот во рамки на американскиот Сенат и член на Демократската партија, со прашањето упатено кон Бејли:

– Допревте некои неодамнешни загрижувачки работи во врска со етничките тензии во однос на македонското етничко помирување како клучен елемент за долготраен регионален мир на Балканот. Имате словенско мнозинство и албанско малцинство и извештаи за растечки тензии, а се споменува и Охридскиот договор, запраша сенаторот Марфи.

На ова, Бејли со одговор дека Рамковниот договор ставил крај на граѓанскиот конфликт и донел активно учество на албанското малцинство во владеењето со земјата.

Сепак, она што сериозно треба да не загрижи, но и да предизвика реакција на македонскиот политички врв е неговиот следен став:

– Во структурата на македонското општество има повеќе од Словени и Албанци. Има Турци, Роми и други, па ова е микро начин за богатството на Балканот и да се спои целото ова население во заедничка иднина. Мислам дека САД може да одигра важна улога, поради своја историја и свој сет на вредности, ќе рече Бејли, чии акредитивни писма за амбасадорување во Македонија, наскоро треба да ги прими македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Она што загрижува е податокот дека со идентичен став, дека во нашата држава живее мнозинско население на Словени, а не Македонци, заедно со најбројна малцинска заедница на етнички Албанци, пред повеќе од една година во Европскиот парламент се јави и амбасадорот на Европската унија во Македонија, Аиво Орав. При тој настап пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот, Орав повеќепати го употреби терминот Словени и Славо-Македонци за македонскиот народ, што предизвика жестоки реакции во македонското општество, но и остри протестни ноти од македонскиот државен врв.

Иако САД ја признава Република Македонија под нејзиното уставно име, ова е доказ дека и тие, како и Грција и Бугарија, но и Европската унија, се почесто негираат постоење на македонски народ. Идентитетот на маса во преговорите го стави и германската кенцеларка Ангела Меркел минатиот месец, па сето ова уште повеќе ја влошува можноста од било какво решение меѓу Скопје и Атина. Причината е што меѓународната заедница сериозно задира во идентитетот, што е желба на Грција да влезе во можниот пакет од целосниот договор за наметнатиот спор за името, а црвена линија преку која македонската страна нема никогаш да дозволи да се премине.

Испрашувањето на амбасадорот Бејли може да се погледне на линкот:http://www.foreign.senate.gov/hearings/nomination-09-17-14 (конкретното прашање од сенаторот Марфи и одговорот на Бејли може да се забележат во 48:30 минута и во 51:08 минута на линкот).