За осум години во Штип вработени над 10.000 луѓе

Само околу 5 отсто од жителите на Штип во моментов се невработени. Големиот број странски инветсиции во општината придонесоа значително да се намали бројот на невработени во Штип, градот кој истовремено претставува и центар на источниот плански Регион.

Според податоците кои ги добивме од општина Штип, ако во 2006-тата бројот на невработени изнесувал 12.700 лица, во моментов невработени се само околу 2.400 лица и има тендеција и тие да се вработат. Според овие бројки, за последните осум години, во општината се вработиле над 10. 000 луѓе.

Ако се земе во предвид дека Штип заедно со општина Ново Село има околу 43.000 жители, тоа значи дека во моментов на ниво на целата општина само околу 5 отсто од жителите се невработени.

 

Во Штип во моментов има над 70 текстилни конфекции од кои голем дел имат странски партнери. Исто така во Технолошко индустриската развојна зона Штип се отворени поголем број фабрики од странски инвеститори кои покрај тоа што вработуваат поголем број луѓе, истовремено придонесуваат и за раздвижување на домашната економија.

 

Вчера германскиот инвеститор „Техникал текстаил“ го потпиша договорот со Владата на Република Македонија со што и официјално почна да се реализира новата инвестиција во ТИРЗ Штип, каде се очекува да се вработат околу 1.000 луѓе.

 

Во фабриката „Џонсон Контролс“ во моментов се вработени 1.450 лица, а фабриката најави дека планира да го прошири бројот на вработени за уште 200 работници.

 

Во фабриката „Актива-Ван Хул“ („Актива аутомотив“ во партнерство  со „Ван Хул“) во моментов се вработени 100 работници, а се очекува уште 200 лица да бидат вработени, што значи дека овој инвеститор вкупно ќе вработи околу 300 лица.

 

Во фабриката на турксиот инвеститор „Јагја Мезлер“ во моментов работат околу 340 лица, а со новата инвестиција за индустриски ластик ќе се отворат уште 100 нови работни места. Инвестицијата е вредна 9 милиона долари, а машините веќе се пристигнати во вредност од 1 милион долари.

 

Покрај досегашните, најавени се и други нови странски инвестиции во Штип, кои дополнително ќе придонесат за намалување на бројот на вработени и ќе ја придвижат домашната економија.

 

Италијанската компанија „Кондево“ најави дека ќе отвори фабрика за грејни тела. Вредноста на фабриката е 6.5 милиона евра, а вкупна инвестиција 40 милиони евра. Исто така „Синехидро-Кина“ ќе гради асфалтна база кај Ежово Поле за потребите за изградба на патиштата, а турскиот инвеститор „Политекс“ исто така најави дека планира да отвори своја фабрика во Штип.

 

Со оглед на тоа што Штип претставува центар на источниот-плански регион, новите инвестиции кои што се отвараат таму се од особено значење и за околните општини и градови. Голем број жители од околните општини наоѓаат вработување во Штип и на тој начин ја обезбедуваат својата егзистенција.