За пет години лустрирани 124 лица, прочешлани околу 30.000

Од 2009 година до денеска се лустрирани вкупно 124 лица, а се разгледани досиејата на вкупно 29.147 лица, истакна денеска првиот човек на лустрација, Томе Аџиев.

„Од 2009-та до 2014-та година комисијата одржа 167 седници, на кои по просек се разгледувани по пет точки… Вкупно 124 лица се прогласени како соработници или наредбодавачи, од нив 106 се поранешни, 11 актуелни и седум кандидати“, рече Аџиев, додавајќи дека од нив 81 лице е се’ уште живи, а 33 се починати.

За овој мандат од пет години, како што рече  Аџиев, комисијата се соочувала со голем број предизвици и два застои, што во временски период е околу една година. За четири години, како што нагласи тој, се реализирани сите предвидени активности.

На прашањето уште колку досиеја остануваат, Аџиев нагласи дека новите членови на Комисијата, кои што треба да ги избере Собранието, ќе имаат доволно предмети до крајот на нивниот нов петгодишен мандат.

Изборот на членови на Комисијата за верификација на факти се врши во Собранието. Има двостепеност во гласањето, односно првото гласање е со двотретинско мнозинство, а второто со обично мнозинство. Според објаснувањето на Димовски, релевантни фактори во изборот на Комисијата за лустрација се партиите кои имаат своја застапеност во Парламентот.

Денеска исто така е последен работен ден за стариот состав на Комисијата за верифицкација на факти, чиј претседател Томе Аџиев.