За Пиже нечинат новите возови оти со нив не се шверца нафта

Дејан Николовски
Дејан Николовски

Велат хартијата трпи се’. Интернетот уште повеќе, би додал. Прогандистичките труби на СДСМ не мируваат. Во жестока офанзива се. Тргнаа против сите што дури и за милиметар имаат поинакво мислење од нивната партија и лидерот им Зоран Заев. Се закануваат со објавување „бомби“ и вршат отстрел на социјалните мрежи.
Дел од таа пропаганда е и последното трагикомично писание на некогашниот уредник на „Вест“ и партнер сопственик со транзициските гробари на Македонија и македонскиот народ, Горан Михајловски.
Тезата одамна позната – Ако некој не се согласува со ставовите и барањата на СДСМ тогаш веднаш удри по него, со сите сили, со комплетен арсенал.

Зоран Заев се’ уште мака мачи за да собере 61 потпис за да добие мандат за формирање влада. Му бараат писмени гаранции. Чим ова им го бараат значи ги сметаат за лабилни личности. Докажани лажговци. Еве и зошто. Заев и СДСМ усно ќе се согласат за сите барања на ДУИ, но тоа е само манипулација, бидејќи без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема двотретинско мнозинство, а за сите барања од платформата на Албанците потребни се измени на Уставот.

Тоа без 81 глас во парламентот не поминува, дури ни продолжувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. А, кога сме веќе кај СЈО, зошто би се продолжил мандатот на таа параинституција, чир во системот, која ангажира и своеволно си вработува само партиски послушници на Заев и СДСМ и работи под нивни директиви, а и троши милиони евра народни пари?

Ако СЈО чека, како што пишува Горан Михајловски, СДСМ да добие од претседателот мандат за формирање влада, тогаш повеќе од јасно е дека оваа параинституција е политички инструирана. Каква плитка и дилетантска теза.
Но, можеби Михајловски го знае тоа ама мора така да напише, мора едноставно да слуша наредби. Можеби и нему му се заканиле со телефонска „бомба“? Или, пак, не може да преболи дека повеќе не е фактор во македонското новинарство, и спаднал на ниво на оние џган интернет портали, и колку и да се прави оти тоа не му е важно, сепак секој нормален од авион може да види дека човекот пати.

Можеби на овој начин се додворува, повторно како во старите добри транзициски времиња кога транзициските крадци, кои ја опустошија Македонија, му отворија весник и му подарија сопственички дел во него, сега Заев и СДСМ да му најдат некој нивни финансиер да го згрижи. Ама изгледа тешко му оди. Па, дури и да добие мандат СДСМ од Претседателот Иванов, животот на СЈО повторно ќе престане.
Таквата владејачка гарнитура би немала 81 пратенички глас за продолжување на животот на параинституцијата, поточно чирот на системот, чија главна цел е политички прогон на неистомислениците на Зоран Заев.

Не дека тоа не го знае македонската јавност досега. Шлагот на таа торта беше моментот кога СЈО одлучи да се откаже од кривичен прогон на Зоран Заев и тоа со смешни изговори. Но, нејсе, затоа Македонија има Основно јавно обвинителство. Ќе го преземе случајот и со негово процесуирање ќе го докаже и она што сите добро го знаеме, дека СЈО е само збирштина на позери, т.н. правници.

Досегашната јалова работа на СЈО покажува и докажува дека или таму нема квалификуван кадар, или дека во разговорите навистина нема никакви доказни елементи за процесуирање на случај. А, најверојатно се и двете. Тоа најубаво го објасни во јавноста Едмонд Темелко. Се сеќавате? Да, тоа е оној човек Македонец, од Пустец, Албанија, единствен македонски градоначалник таму. Да, да, токму тој кого СЈО со своите полициски кучиња го тормозеше со удбашко-комунистички методи, како да е 1949 година.

Тоа пропагандистичките труби на Заев и СДСМ не го пишуваат, не го спомнуваат, исто како што Горан Михајловски не пишува и не спомнува за снимениот Зоран Заев како бара мито од стотици илјади евра, и дека мора да биде правно процесуиран и да си одлежи затвор. Оти е фатен на дело во криминален чин, или како што се вели „со гаќите спуштени до колена“. Зошто тогаш да се продолжи државниот трошок од милиони евра за оваа параинституција создадена под политички присила?

Му сметале на Горан Михајловски и новите возови и тоа што луѓето можеа бесплатно да се возат на празник во нив. Па, ќе му сметаат, не се тие онакви какви што неговите бизнис партнери во „Вест“ употребуваа за шверцување на нафта во Србија на времето. Тогаш македонските граѓаните не можеа да се возат со воз бесплатно, бидејќи немаше слободни места од нафтата. Таа беше приоритет. Нафтата плаќаше десетпати поскапа карта, па ќе ми се возеле луѓето беспари, види бога ти. А, башка и преку ноќ исчезнуваа по сто вагони. Па, кај ќе се возат, кога вагони нема, исчезнати се. И, после Дејвид Коперфилд бил илузионист. Глупости. Може да му држат предавања овие махери, мало дете е тој за нив. Само што они нејќат да се експонираат, не им треба Пи-Ар.

Е тоа е онаа истата „Македонска железница“, од која произлезе моќната компанија на неговите ортаци од „Вест“. Да, истите тие кои ја пљачкосуваа Македонија безмилосно и кои ја пропаѓаа со помош на тогашната власт на СДСМ секоја фирма која ќе им посметаше во бизнисот. Гробарите кои погребаа голем број македонски фирми, претпријатија и компании, и кои оставија голи и боси стотици илјади македонски деца, бидејќи ги избркаа нивните родители од работи.
Истите тие кои со политичарите од СДСМ си кроеја закон за приватизација по нивна мерка и кои товареа милиони тогашни германски марки во своите џебови, додека мнозинството во Македонија преживуваше и едвај врзуваше крај со крај. Е сега, не чинеле новите возови. Па нормално дека не чинат, исто како што пред неколку години не чинеа и новите автобуси во Скопје.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.