За поголем извоз, средба помеѓу македонските компании и економските промотори

Претставници од пет македонски компании денеска одржаа онлајн видео средба со 28 економски промотори, со цел домашните компании да ги презентираат своите капацитети и понуди по што економските промотори би го понудиле нивниот производ или услуга на странскиот пазар во кои тие делуваат.

На средбата присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања во Владата на Република Македонија, Владимир Пешевски и Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори.

-Еден од проектите кој што беше зацртан во Програмата за работа на Владата е поинтензивни контакти помеѓу македонските компании и промоторите кои што ги имаме во голем број на држави и кои што се на еден начин истурена единица на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоцијата на извозот, рече Пешевски.

Тој информираше дека Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија ќе организира вакви средби секои три месеци.

-Ова е одлична можност за домашните компании, да остварат директен контакт со нашите економски промотори кои се наоѓаат во земјите во странство. Нашите компании да го презентираат своето портфолио на производи и услуги кои ги произведуваат и нудат, односно производи кои се за извоз. Меѓутоа исто важно е за нашите компании и во одредени инвестициони активности, да бидат информирани нашите промотори. Користа на домашните компании е во тоа што повратната информација што ќе ја добијат од економските промотори ќе им заштеди прво пари, потоа време во делот на истражување на пазарот, во одредени земји каде што не постои нивно присуство и пазари кои им се непознати во овој момент, рече Алексов.

Инаку, денеска видео средба со промоторите одржаа претставници од компаниите „Макпрогрес“, „Камел солар“, „Леов“, „Техногума“ и „Кадино индустри груп“.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.