Македонија

За полиција, пожарна или брза помош повикајте 112

За полиција, пожарна или брза помош повикајте 112

Без разлика дали избил пожар, дали е потребна итна лекарска помош, полициска интервенција или се случила сообраќајна или друга несреќа со тешко повредени лица, македонските граѓани наскоро вакви инциденти ќе пријавуваат на единствен телефонски број за итни случаи – 112. Во вакви непредвидливи ситуации брзиот телефонскиот повик може да значи живот и последна работа што ви треба е да се премислувате за точниот број на службата или, пак, уште полошо да ве префрлаат од една централа на друга. Поради тоа, досегашните броеви за итни повици кон полицијата 192, кон противпожарните служби 193, кон итната медицинска помош 194 и кон Центарот за управување со кризи 195, ќе бидат заменети по одреден временски период на паралелно функционирање со бројот 112. Така, граѓаните ќе помнат само еден број наместо досегашните четири, со што значително ќе се олесни барањето помош при ситуации во кои сериозно е загрозен нечиј живот или имот, пишува Дневник.

Лоцирање на повиците

Агенцијата за електронски комуникации (АЕK) го утврди правилникот за единствениот европски број за итни повици 112 и текстот е ставен на јавна расправа, со што по неколку години подготовка се заокружува правната рамка за конечна реализација на овој проект. Покрај предностите што ги дава практичната примена на само еден итен број, неговото воведување е обврска на Република Македонија на патот за да станеме полноправна земја- членка на Европската Унија. Во сите извештаи на Европската комисија за напредокот во пристапниот процес на земјава има забелешка дека с` уште не е воведен овој број за незгоди и итни случаи.

Со правилникот на АЕK се пропишува обврска за сите фиксни и мобилни оператори на јавни телефонски мрежи да обезбедат бесплатно да се избира бројот на службата за итни повици. Бројот ќе мора да биде достапен и од мобилни телефони без СИМ-картичка и од јавните телефонски говорници. Операторите треба на службата да ~ достават податоци за локацијата од каде што е упатен повикот и тоа веднаш по проследување на повикот, како и сите податоци со кои располагаат за остварениот телекомуникациски сообраќај кон бројот 112, односно името и презимето или називот на повикувачот, повикувачкиот телефонски број, времето на повикот и времетраењето на повикот. Системот треба да биде проектиран на тој начин што ќе овозможи прием на сите видови електронски повици од возилата (e-call и AVLS-систем за автоматско лоцирање возила во случај на сообраќајна несреќа).

Помош за странските туристи

За реализација на овој проект Владата формира тим составен од претставници на Центарот за управување со кризи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за финансии, Агенцијата за електронски комуникации, Дирекцијата за заштита и спасување и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Центарот за управување со кризи (ЦУK), согласно со заклучокот на Владата, изработи физибилити-студија за системот за итни повици Е-112 на Република Македонија со дефинирање на идната поставеност на системот за рано предупредување и тревожење на граѓаните.

– Во системот се предвидени три оперативни центри за прием на повици за итни настани, како и за координација на полицијата, итната медицинска помош, противпожарните сили и тимовите за заштита и спасување. Овие центри ќе бидат лоцирани во Скопје, Прилеп и во Штип и секој од трите регионални центри може да ги врши функциите со исто ниво на квалитет на целата територија на земјата – вели Надица В’чкова, портпаролка во ЦУK.

Согласно со европската практика, и кај нас за лицата што не ги зборуваат македонскиот и албанскиот јазик ќе биде обезбедена јазична поддршка на англиски, германски и други на странски јазици. Со ова секој турист, секој бизнисмен, секој странец ќе може да ги користи услугите на службите за итна помош со ист квалитет како во матичната земја.

KАЗНИ ЗА ЛАЖНИ ПРИЈАВИ

За лажно јавување покрај прекршочна и казнена одговорност, со правилникот на АЕK се пропишува и привремено исклучување од мрежата на телефонот на повикувачот. Ако претплатникот првпат направил злоупотреба на повици, неговиот телефон ќе се исклучи од мрежата во траење од седум дена, со тоа што ќе може да прима дојдовни повици. Во случај на повторување на делото ќе биде исклучен 30 дена, а како крајна мерка се предвидува трајно исклучување и раскинување на претплатничкиот договор.

БУГАРИЈА И РОМАНИЈА ТУЖЕНИ ЗА НЕВОВЕДУВАЊЕ НА БРОЈОТ

Телефонскиот број 112 е бесплатен паневропски број за итни случаи, кој може да биде избиран од кое било место во рамките на земјите-членки на Европската Унија. Европската комисија инсистира сите земји-членки да го воведат овој број и будно го следи тоа. Бидејќи во некои земји до неодамна не функционираше онака како што беше планирано, беа поведени постапка против нив поради повреда на договорите за членство. Последни примери се Бугарија и Романија, кои беа тужени пред Европскиот суд на правдата бидејќи не ја почитуваа обврската да го воведат бројот до крајниот рок, јануари 2007 година, кога двете земји пристапија во ЕУ.