За помалку од еден месец саниран мостот во Долно Коњаре

Санацијата на мостот во село Долно Коњаре на  регионалниот пат Р2136, делница Ржаничино – Долно Коњаре, општина Петровец која отпочна на почетокот на месец март е завршена и мостот е ставен во функција.

-Невремето кое ја зафати Република Македонија минатиот месец, придонесе да се зголеми нивото на водите на река Пчиња и да дојде до оштетување на наведениот мост. Од безбедносни причини на мостот беше забранет сообраќај за товарни возила со маса поголема од 7,5 тона, вклучувајќи ги и градските автобуси на ЈСП „Скопје“. Од страна на Јавното претпријатие за државни патишта, веднаш по оштетувањето беа превземени конкретни активности за надминување на состојбата, при што двете средишни столбни места кои беа предмет на санација,  целосно се санирани и зајакнати. Освен санацијата  во долниот дел од мостот околу двете столбни места извршена е  регулација на коритото на реката Пчиња, соопштуваат од Агенцијата за државни патишта.

Со завршување на санацијата , велат од Агенцијата, се овозможи нормализирање на сообраќајот на мостот и негово повторно ставање во функција. Санацијата на мостот е завршена за неполн месец од отпочнување на градежните работи, иако според Договорот изведувачот имаше рок за негово завршување до крајот на месец април.