Свет

За прв пат во историјата: Сонда ќе слета на комета

За прв пат во историјата: Сонда ќе слета на комета

Европската вселенска агенција утрово дала согласност за спуштање на рoбот на комета и доколку оваа мисија биде успешна ќе биде исполнет сонот да се добие примерок од некоја комета.

На кометата 67П слетува првата сонда направена од човек. Европската вселенска агенција го стартуваше  храбриот потфат на леталото „Розета“ која има задача да го активира истражувачот „Фила“. Целиот процес на истражувањата ќе трае седум часа, а ќе биде запишан во историјата на вселенското истражување како прв обид за слетување на небесно тело во движење.

– Розета го анализира составот на материјалите кои ги испушта кометата од далеку. Таа однадвор е замрзната, но тој слој се топи што овозможува испуштање заробени гасови од внатрешноста. Тајмингот и прецизноста на маневрите за слетување се од суштинско значење, изјави Харалд Кругер, главен истражувач.

Розета беше лансирана во 2004-тата со ракетата „Аријана“ и потоа насочена на долг пат низ Сончевиот систем за да ја пресретне кометата. Сондата доби дополнителна брзина користејќи гравитација на Земјата и на Марс. Во јануари годинава „Розета“ успешно се  подготви за последната фаза од мисијата, приближување кон кометата.

Кругер нагласува дека кометата 67П е одалечена 550 милиони километри од Земјата, што значи дека на секоја информација и се потребни околу 22 минути да стигне до оперативниот центар.

Истражувачите посочуваат дека биле потребни 10 години леталото да се приближи до кометата, а одвојувањето на сондата од леталото воопшто не е лесна задача. Овој историски потфат ќе фрли светлина врз постоењето на водата и животот на планетата Земја, како и дополнителни информации за нашиот Сончев систем.