За расипана храна глоба од само 2000 евра?!

Додека се чекаат резултатите од анализата на примероци од прехрамбени продукти, кои би можеле да бидат извор за ширење на опасната бактерија листерија, уште еден заболен  пациент заврши со фатален исход.

Јавноста се’ уште остана без одговри на повеќе клучни прашања – Зошто навремено не е предупредена за присуството на бактеријата во три примероци од месни производи минатата година и во три примероци оваа година? Колку надлежните институции ја контролираат дистрибуцијата на небезбедна храна, штом очигледно се дозволило да се пушти во промет контаминирана храна, која според надлежните е главна причина за ширењето на листеријата.

Интересно е тоа што сите заразени од оваа бактерија кои се лекувале на Клиниката за инфективни заболувања се од различни делови на земјава ( Скопје, Македонски Брод, Гевгелија, Охрид  и Кочани), а сепак истражувањата покажале дека еден ист поттип е одговорен за сите случаи, што укажува на претпоставката дека пациентите најверојатно се заразиле консумирајќи иста храна.

Според  Законот за безбедност на храна, во случај кога постои основна причина за сомнение дека храната може да претставува ризик по здравјето на луѓето, Агенцијата за храна и ветеринарство, во зависност од „природата, серозноста  и обемот на ризикот, мора да преземе соодветни чекори за информирање на јавноста за природата на ризикот по здравјето“.

Исто така, ако операторот со храна смета или има причина да верува дека храната која е увезена, произведена, преработена или дистрибуирана, не е во согласст со барањата за безбедност на храна, мора итно да ја повлече храната од промет и да ја информира Агенцијата за храна и ветеринарство за тоа. Доколку небезбедниот производот стигнал до потрошувачот, операторот мора „ефикасно и точно да ги инфомира потрошувачите за причината за повлекување на храната“.

Надлежна за контроли на храната е Агенцијата која контролите ги врши и без претходна најава и во сите фази на производство, преработка и дистрибуција.

Ако се утврдат нерегуларности во производството и дистрибуција на храната, произведувачот става во промет небезбедна храна,  или, пак,  доколку има сомнителна појава не ја повлече храната од промет и за тоа не ја извести Агенцијата, Законот предвидува парични казни, но и мерки како затворање на фирмата и производството.

Доколку се утврди дека производителот става во промент небезбедна храна, предвидена е глоба само од 2.000 евра. Увезувањето на небезбедна храна и ставање во промет се казнува со 5.000 евра и 8.000 евра.