За Роналдо по петти пат Златната топка, се изедначи со Меси

Португалскиот фудбалски ас Кристијано Роналдо петти пат во кариерата ја освои Златната топка којашто ја доделува францускиот спортски магазин France Football, со што се изедначи со најголемиот конкурент Аргентинецот Лионел Меси.

Кристијано Златната топка ја освои и минатата 2016 година, како и во 2008, 2013 и 2014 година. Пет титули има и Лионел Меси, и тоа во 2009, 2010, 2011, 2012 и 2015 година, а годинава го освои второто место. Трет беше Бразилецот Нејмар, четврти е италијанскиот голман Џанлуиџи Буфон а високо на петтото место е избран капитенот на хрватската репрезентација и соиграч на Роналдо во мадридски Реал, Лука Модриќ, на листата на 30-те најдобри фудбалери на светот, на која фигурираат и Антоан Гризмам, Еден Азар, Единсон Кавани, Луси Суарез…

Ова за Роналдо е втората награда година откако беше избран најдобриот фудбалер на светот и во изборот на Меѓународната фудбалска федерација ФИФА.

Португалецот минатата сезона ја освои Лигата на шампиони, шпанското првенство, европскиот Суперкуп, шпанскиот Суперкуп, а беше и најдобар стрелец во Лигата на шампионите.

„Пресреќен сум, ова е одличен момент. Им се заблагодарувам на соиграчите од Реал што ми помогнаа да ја освојам оваа награда. Зад нас е одлична сезона, ја освоивме Лигата на шампиони и шпанското првенство“, изјави Ронадло кој ја прими наградата придружуван од мајка му Марија Долорес и најстариот син Кристијано Џуниор.

Свеченоста се одржа на Ајфеловата кула во Париз, а програмата ја водеше поранешниот француски репрезентативец Давид Жинола.

Златната топка на France Football се доделува од 1956 година, а прв победник беше Стенли Метјус од англиски Блекпул. Во периодот од 2010 до 2015 година France Football и ФИФА заедно ја доделуваа наградата, а потоа повторно се вратија на два одделни избора на најдобриот фудбалер.

Редослед на првите десет најдобри фудбалер: Кристијано Роналдо (Реал Мадрид), Лионел Меси (Барселона), Нејмар (Париз Сен Жермен), Џанлуиџи Буфон (Јувентус), Лука Модриќ (Реал Мадрид), Серхио Рамос (Реал Мадрид), Килиан М’бапе (Париз Сен Жермен), Н’Голо Канте (Челзи), Роберт Левандовски (Баерн Минхен) и Хари Кејн (Тотенхем).