За само еден месец три двојни убиства во земјава

Три двојни убиства за само еден месец ја потресоа Македонија. Пред точно еден месец, на 22 јули во скопски Аеродром се случи убиство на две сестри, а убиецот изврши самоубиство. Скопјанецот Игор С. (36) во стан во Аеродром најпрво ја уби Наташа (34), а потоа и нејзината сестра Билјана (31).

Второто двојно убиство се случи на 14 август во Вевчани кога  56-годишниот З.С. со огнено оружје ги  усмрти Владо П. (43) и Мате Ѓ. (23).  Во нападот повредени беа уште две лица.

Синоќешното двојно убиство во Охрид е третиот ваков регистриран случај за само еден месец. Триесет годишен охриѓанец, кој е во бегство, е осомничен дека со пиштол ги убил Васил Р. (56) и Ромео Ѓ. (38), двајцата од Охрид. За овој случај полицијата уапси едно лице, а по осомничениот сторител се уште се трага.

Статистиката на МВР говори дека од почетокот на годинава (со исклучок на вчерашното двојно убиство во Охрид) се случиле вкупно 17 убиства во кои имало 20 жртви.