За шест месеци геодетите треба да изработат 160.000 елаборати за дивоградби

До крајот на годинава геодетските фирми треба да изготват околу 160.000 геодетски елаборати, документи неопходни при легализација на дивоградбите за чија легализација беа поднесени барања во првиот рок во 2011-та година.

Во државава работат 141 приватна геодетска фирма со околу 800 вработени, а раководството на нивната Комора денеска апелираше граѓаните да не чекаат и навреме да поднесат барања.

Доколку навреме се достават барањата за изработка на геодетски елаборати, што значи да не се чека есен, зима, временски неприлики, приватните геодетски фирми ќе бидат во можност да ги изработат. Но, ако се чека до последен ден тешко дека ќе стасаме како геодети да го направиме тоа, изјави новоизбраниот претседател на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи Горан Јовановски, по средбата со директорот на Катастарот Славче Трпески.

За 360.000 објекти за кои беа поднесени барања за легализација во првиот рок, од март до септември  2011 година, треба да се изготват геодетски елаборати до крајот на годинава. Според податоците  на Катастарот од пред еден месец, досега се изготвени 200.000 елаборати.

Допрва треба да се изработат 160.000. Апелирам граѓаните  кои поднеле барање во тој рок да се обратат час поскоро  до приватните геодетски фирми за да може да се изработат геодетски елаборати затоа што не знам дали ќе се постигне, изјави Трпески.

За надминување на проблемите и подобрување на условите за работа во геодетска фела ќе се формира работна група со членови од Комората, Агенцијата за катастар на недвижности, Факултетот за геодезија, како и експерти од областа на катастарот и геодезијата.

Комората на овластени геодети на РМ треба да стане современа како во современите европски држави, а за тоа очекува поддршка и помош од Агенцијата за катастар на недвижности, рече Јовановски.

Трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи, како што информира Трпевски,  ќе бидат активно вклучени во проектот за формирање нов адресен регистар на Република Македонија, во масовната проценка на недвижностите, како и во премерот на инфраструктурни објекти за кои е поднесено барање за легализација. Геодетската фела, оцени директорот на Катастарот, во изминатите десет години постигнала завидни резултати во реализација на владини проекти. Покрај во легализацијата, со теренски работи е вклучена во приватизацијата на дворните места, изградбата на автопати и регионални патишта и во други инфраструктурни проекти.