За шест месеци, собрани над 18 милиона денари од данок на имот во Штип

Во првите 6 месеци од 2014 година, Општина Штип наплатила 16.872.547 денари од данокот на имот. Сите овие средства повратно се враќаат кај граѓаните преку изградба на улици, тротоари, паркови, игралишта и други содржини. Само за споредба, во 2013 година, остварена е наплата на данок на имот од 29.824.127 денари. Ако се споредат првите шест месеци од 2014, тогаш се очекува до крајот на годината да биде достигната оваа сума, пренесува порталот „1.мк“.

– Граѓаните препознаа дека локалната власт и градоначалникот работат во интерес на граѓаните. Она што се прави е евидентно на секој чекор, од најголемиот проект, уредување на коритото на Отиња, преку асфалтирање на улици, правење на тротоари, инфраструктурни зафати во поглед на водовод и канализација па се до низа други проекти. Мислиме дека тоа е клучно што граѓаните навреме ги плаќаат доставените решенија за данок на имот, бидејќи гледаат дека повратно истите се враќаат пак назад. Инвестирањето во развојот на градот, макотрпната работа на градоначалникот и Советот, е стекната доверба кај граѓаните кои пак одговараат позитивно на повикот да се подмири данокот на имот – изјави Драган Ристов, советник за односи со јавност.

Општина Штип уште еднаш апелира до граѓаните, до оние кои не ги подмириле своите даночни решенија за данок на имот, да го сторат тоа што побргу, бидејќи секој денар во општинската каса значи приход за остварување на проектите кои локалната самоуправа и градоначалникот ги имаат зацртано за развој на градот.