За што брза Заев и ги запоставува домашните задачи?

Ако по утрото денот се познава, преведено на нашите состојби значи како што тргна власта на социјалдемократите реално е стравувањето на крајот од нивниот мандат, колку и тој да трае, сите заедно да доживееме едно големо разочарување. Македонската левичарска влада, како продолжение и читајќи напишани уроци од нивните неолиберални стопани, којашто десницата, впрочем како и насекаде во светот ја обвинува за некакво популизам сакајќи да го карикира всушност нивниот суверенизам, токму започна со најпопулистичките мерки, укинувајќи некои проекти на претходната власта без тие да бидат разгледани поопстојно и да бидат заменети со некои други проекти во насока на подобрувањето во некои сфери.

Не е потребен голем напор и анализи, само од имињата на министерската постава на Заев може да се забележи на каде ќе дува ветерот и оти неговото донесување на власт преку прислушуваните разговори, како што и повеќепати забележавме, има сосема поинаква намена и цел отколку вистинското напредување на македонското општество. Станува збор, поточно, за избирање личност којашто Македонија, конечно по толку години инсистирање и обиди, ќе ја претвори во обичен протекторат во кој надзорот ќе го има западниот фактор кој сака да го заврши процесот од освојување на регионот. Од една страна, пред да започнат вистинските предизвици за западните општества поради неможноста да се изнајде модусот кој ќе го премости расчекорот меѓу веќе асоцираните членки, што отвора место за продирање во просторот на други антагонистички интереси, во прв ред руското и кинеското влијание.

Може да се претпостави дека ќе имаме репризирање од практикувањето на власта во периодот меѓу 2002 и 2006-та, обиди да се дестабилизира политичкиот опонент преку роварење во неговите редови, исценирање судски процеси и други алатки со кои ќе се покрива неспособноста да се сработи нешто суштинско. Како и што може да се заклучи од најавите, се планира да се потроши цел мандат на враќање на состојбите од пред една деценија, што наводно треба да придонесе за побрзи евро-интеграции.

Но јасно е дека во Брисел воопшто не сметаат на тоа дали, како што велат, ќе има подобрување на демократската атмосфера во македонското општество, уште повеќе кога се осведочени во тенките капацитети на актуелната власт којашто само треба да ја има ролјата на вардач на нивните интереси. Многу е јасно дека Севернатлантската алијанса сака итно да го заокружи просторот со приемот на Македонија во своите редови до пролетта 2018 година. Но за тоа ќе биде потребно да се надмине проблемот со името со Грција како услов за приемот на земјата во НАТО. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во средината на јули, според извори од Брисел, ќе допатува во Скопје и да разговара за ова прашање, односно да наприви процена дали на следниот самит на Алијансата ќе може да им зададе, како што се смета во Брисел, уште еден удар на руските интереси по приемот на Црна Гора, со прием во членството на Македонија. И притоа, несомнено е дека водечката улога во оваа операција ќе ја имаат САД. Во таа насока веќе се водени разговори меѓу американскиот амбасадор и други дипломати со министерката за одбрана, при што очигледно е добиен впечатокот, или ветување, дека актуелната власт е подготвена да направи отстапки во насока на спорот за името.

Истовремено, од Атина пристигнуваат пораките дека грчката страна нема намера да отстапи од своите позиции за „име за целосна употреба“. Заев неодамна изјави дека е подготвен за влез на земјата во НАТО под референцата БЈРМ. Но таква понуда имаше и во Букурешт во 2008 година, кога Атина остана на својот став за исклучивост во уставното име на земјата да се содржи поимот „Македонија“.

А ситуацијата во Грција не е воопшто променета од тогаш. Атина со западните партнери во услови на нерешена економска криза, бездруго ќе бара отстапки од нив во вид на отпишување на дел од големиот долг, што во прв ред треба да има ефект врз нејзините внатрешнополитички позиции. Исто така, мора да се има предвид грчкото кокетирање со Москва и со Пекинг во потрагата по неопходните пари за преживување на нејзината економија и амортизирање на болните мерки за штедење, што повторно е адут на Атина за пазарење со своите западни партнери со цел да се измени името на Македонија, а што повторно треба да има амортизирачки ефект на домашен план играјќи на националистичката карта.

Оттаму, малку е веројатно да се оствари најавата на Заев за повторување на модусот од преговорите со ЕУ, односно да се добие покана за членство во НАТО под референцата а да продолжат преговорите со Грција. Затоа, втората опција којашто ја споменува премиерот, односно конечно решение на спорот е поверојатната варијанта за членката на Алијансата којашто особено во последниот период инсистира на заедништво во однос на истапите на американскиот претседател.

Проблемот е како тоа ќе биде брзо изведено во Македонија, односно како ќе може брзо да се спроведе кампања и да се организира референдум за тоа, бидејќи Заев изјави дека таков демократски модус ќе биде изведен. Затоа, веројатно е дека ќе се мери дали новата влада има капацитети да го менаџира тој референдум во полза на посакувањата на Брисел на постигнување договор без обѕир дали ќе бидат нарушени македонските национални интереси, или ќе треба да се преземе нова операција на притисок врз политичките партии во парламентот да се примени црногорското сценарио и за тоа прашање да се решава преку просто мнозинство во законодавниот дом.

И, се чини, дека тоа е основната причина за сиве овие обиди за дефокусирања на јавноста последните денови во очекување конечно да проработи владата. Зашто, очигледно, нема идеи како да се поттикне домашната економија којашто речиси три години беше во заложништво на испровоцираната политичка криза, па брзото асоцирањето се смета дека ќе донесе некаква благосостојба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.