За субвенции аплицирале 79 млекопроизводители од Крива Паланка

Во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и воодстопанство од Крива Паланка поднесени се вкупно 79 барања за финансиска поддршка од страна на млекопроизводителите од општините Крива Паланка и Ранковце, пренесува МИА.

– Вчера истече рокот за пријавување субвенции на млекопроизводителите за произведено и предадено млеко за првите четири месеци  од 2015 година. Бројката на поднесени барања е 79, а  над 60 отсто од вкупно регистрираните млекопроизводители од двете општини аплицирале за финансиска поддршка. Субвенциите за еден литар предадено млеко изнесуваат 3,5 денари, информира Влатко Ристовски, советник во стручната канцеларија на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството од Крива Паланка.

Ристовски нагласи дека рокот за поднесување барање за субвенции за растително и сточарско производство истекува на 30 јуни.

– Земјоделците и сточарите од Крива Паланка и Ранковце кои имаат пријавени производствени капацитети можат да поднесат барања  за субвенции до крајот на месецот. Досега аплицирали околу 1000, а очекуваме бројката да се зголеми до крајот на јуни, рече Ристовски.

Во Крива Паланка и Ранковце се регистрирани вкупно 1.500 земјоделци.