Македонија

За светските вински критичари, вранецот е неоткриено богатство

За светските вински критичари, вранецот е неоткриено богатство

Во организација на Здружението “Вина од Македонија” деновиве во Република Македонија престојуваат петмина врвни светски вински критичари. Стивен Спуриер, Џулиа Хардинг, Стивен Брук, Каролинг Гилби и Џемјс Бад, кои ја носат титулата Master of Wine, воедно се и вински новинари и оценувачи на вино на врвните интернациоанлни натпревари за вино во Лондон.

За време на својот престој во земјава ќе имаат можност да се запознаат со карактеристиките на лозовите насади и винските региони во Република Македонија и да дегустираат македонски вина.

Постојаните вложувања во подобрување на квалитетот и препознатливоста на вината и Македонија како винска земја, оценките и признанијата што вината ги добиваат во последните неколку години, го побудија интересот на овие врвни вински критичари, кои изразија желба непосредно да се запознаат со достигнувањата и перспективите на македонската винска дејност. Тиквеш, Камник, Стоби, Бовин, Сковин, Попов, Далвина и Езимит вино ќе имаат единствена можност за презентација и претставување на своите достигнувања и развојни планови пред овие врвни светски критичари.

Во текот на вчерашниот ден, под водство на експерти од Институтот за лозарство винарство на Република Македонија, беше одржан мастер клас на кој беа претставени осум вина произведени од винската сорта Вранец.

Заедничка оценка на овие реномирани вински критичари е дека Вранецот е неоткриено богатство на вкусови и ароми, со огромен потенцијал да ги освои и најпребирливите вински пазари.