За три дена 20 сообраќајки во Скопје

Во текот на изминатите три дена на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 20 сообраќајни незгоди.

Во петок, на 9 јануари, извршен е увид на една сообраќајна незгода и истата е со последица материјална штета.

Во сабота, на 10 јануари, извршен е увид на вкупно 10 сообраќајни незгоди. Од нив, две се со последица материјална штета и седум се со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле четворица возачи на патничко моторно возило и пет сопатници.

Случена е и една незгода со последица тешка телесна повреда во која со тешки телесни повреди се здобил еден возач на патничко моторно возило, а со телесни повреди се здобил еден сопатник.

Во недела, на 11 јануари, извршен е увид на вкупно девет сообраќајни незгоди. Од нив, пет се со последица материјална штета и четири се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле четворица возачи на патничко моторно возило, двајца сопатници и еден пешак.

Во текот на изминатите три дена од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 43 возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол и тие се исклучени од сообраќај. Шеснаесет возачи не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, седум возачи не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин и 10 возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на овие три дена од страна на сообраќајната полиција отстранети се 31 возило кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.