За три месеци во сообраќајка загинале 23 лица, 7 се пешаци

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска заедно со претседателот на РСБПС, Стојче Стаменковски и градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски присуствуваа на отпочнувањето на кампањата „Недела на пешаците, за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот“ во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот (РСБСП) и Министерството за внатрешни работи.

Четвртоодделенците од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром организирано преминуваа на пешачки премин, а исто така присуствуваа и на сообраќајно-едукативно предавање пред трговскиот центар Капитол.

Во првото тримесечие од 2015 година во Македонија во сообраќајни незгоди животот го загубиле 23 лица, од кои 7 се пешаци, а на територијата на Градот Скопје од 8 жртви во сообраќајни незгоди, 4 се пешаци што ја потврдува оправданоста на една ваква кампања, со која настојуваме низ сопствен пример, комуникација и конкретни вежби да ги едуцираме најмладите, учениците од основните училишта, затоа што навиките се градат од најрана возраст и она што ќе се научи останува како начин на однесување и понатаму во живтот, изјави Јанкулоска.

Претседателот на РСБСП, Стојче Стаменковски по денешната едукација за учениците повика  да внимаваме каков пример им даваме на децата и да се грижиме за нивната безбедност и иднина. Исто така апелираше да се однесувме одговорно во сообраќајот за доброто на сите деца на нашите улици и патишта.

Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски потенцира дека целта на оваа кампања е од една страна да се подигне нивото на знаење на учениците за нивното учество во сообраќајот, а од друга страна да се зголеми свеста кај возачите за присуството на пешаците, особено на децата.

ФОТО: Економски.мк