Свет

За Турција „бесмислени“ се изјавите на САД за нејзината операција во Сирија

За Турција „бесмислени“ се изјавите на САД за нејзината операција во Сирија

Турскиот министер за одбрана, Нуретин Џаникли, ги нарече бесмислени изјавите на американските функционери за непожелноста на операцијата којашто турските вооружени сили ја преземаа во сириски Африн против милициите на сириските Курди.

Како што претходно изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Хитер Науерт, Вашингтон ја повикува Анкара да не презема дејствија против сириските Курди коишто ги поддржуваат САД, туку да се сосредоточи на борбата со екстремната сунитска организација Исламска држава.

Анкара смета дека се „празни и бесмислени“ изјавите коишто доаѓаат од Вашингтон, бидејќи со заканата од Исламската држава е завршено, изјави министерот за одрана Нуретин Џаникли за телевизијата Ahaber.

Во средата турскиот вицепремиер Бекир Боздаг изјави дека Анкара одржува консултации со Вашингтон и со Москва во врска со операциите против вооружените формации на сириските Курди наречени Единици за заштита на народот (YPG). Овие сили, коишто во рамките на опозициската сунитска бунтовничка групација Сириски демократски сили (SDF) ги обучува и вооружува САД, Турција ги смета за поврзана со забранетата Работничка партија на Курдистан, која е ставена на листите на терористички организации и на САД и на ЕУ.

Вашингтон претходно седмицава ја разгневи Анкара кога го објави планот за соработка со бунтовниците од SDF за формирање на „погранични сили“ во бројност од 30.000 борци на турската граница. Тие би биле распоредени на турската граница со Ирак и со Сирија, по должината на реката Еуфрат, според американските извештаи.

Медиумите известија дека Турција веќе ги распоредила своите силни единици, вклучително и оклопни возила и тенкови, на границата со Сирија и се ставени во состојба зголемена борбена подготвеност. Медиумите во регионот го поставуваат прашањето дали турската операција може да биде ограничена само на областа околу Африн.

Истовремено во петокот сириските Курди објавија дека околу 70 проектили паднале врз градот Африн, истрелани од позициите на турските војски. Притоа од YPG одговорија дека на ќе одговорат со „сите расположливи средства“.