Балкан

За туристичка промоција Грција искористила слика од австралиски пејсажи

За туристичка промоција Грција искористила слика од австралиски пејсажи

Австралија ја обвини грчката државна компанија за туризам за „културен грабеж“ откако беше утврдено дека за сопствена турустучка промоција искористила слика на еден од најпознатите австралиски пејсажи, објави МИА.

Грчката туристичка компанија изработила видео клип за промоција на Грција, нејзините природни убавини и туристички можности, под наслов „Богови, митови, херои“.

Но, на снимениот материјал како „грчки пејсаж“ се нашла и спектакуларната слика на камените куполи кои се издигнуваат од океанот, познати како „Дванаесете апостоли“, кои лежат крај самиот брег на јужната австралиска сојузна држава Викторија.

Камените „апостоли“ се една од најпознатите туристички атракции на оваа држава-континент и многу често се наоѓаат на бројни постери, видео клипови и турустички книги на кои се промовира Австралија.

Грците не само што го користеле овој австралиски пејсаж како да е грчки, туку во својот рекламен материјал вметнале 15 секунди од клипот на еден австралиски камерман и фоторепортер направен со „Дванаесте апостоли“ за потребите на австралискиот туризам.

Австралиските автори на клипот изјавиле дека никој од Грција не побарал дозвола во грчкиот материјал да се користи една локација која се наоѓа на Јужната хемисфера и која е одалечена илјадници километри од Грција.

Според авторот на снимениот материјал, австралискиот снимател Алекс Черни, грчка страна подоцна исплатила надомест за користењето на материјалот, но немало никакво извинување за сторениот „грабеж“.

Наместо тоа од грчката компанија за туризам стигнало писмо со објаснување дека „речиси насекаде во светот се наоѓаат или се среќаваат идеи и имиња чии оригинални корени се грчки“.

– Кога ќе ги подигнете очите нагоре небото над Австралија во Јужната хемисфера е полно со ѕвезди и созвездија, а сите тие носат грчки имиња, се вели во објаснувањето на грчката државна компанија ,потестувајќи ги Австралијците дека „митологијата на небото на сите меридијани и напоредници е грчка“.

Навредените австралиски автори сметаат дека е нечесно да се става во материјал за промоција на Грција, пејсаж од другата страна на светот кога земјата има доволно разгранет брег за промовирање.

Можам да прифатам грешка, која може да се провлече при правење на вакви материјали, но објаснувањето што го даваат од Грција за да се оправда вметнувањето на австралиските „апостоли“ во грчкиот промотивен материјал, е навистина смешно, изјавил Алекс Черни