За Венецуела „лудост“ е изјавата на Трамп за воена интервенција

Венецуелскиот министер за одбрана Владимир Пардино Лопез ја нарече лудост изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп кој рече дека САД не исклучуваат воена операција за да се реши неколкумесечната криза во Венецуела.

„Тоа е чин на лудило, чин на врвен екстремизам“, порача венецуелскиот министер за одбрана Владимир Падрино Лопез реагирајќи во телевизиско обраќање неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп ја даде изјавата за можна воена интервенција во оваа латиноамериканска земја.

„Имаме многу опции за Венецуела, вклучително и можна воена опција доколку е потребно“, изјави Трамп пред новинарите во Бедминстер.

Падрино во своето обраќање ја осуди „екстремистичката елита којашто владее со Соединетите држави“.

„Доколку дојде до агресија, сите ќе бидеме во првите редови за да ги браниме интересите и суверенитетот на нашата сакана Венецуела“, порача министерот Падрино.