За вештачки мрест на охридската пастрмка обезбедени над 2,5 милиони зрна икра

Со активностите за измолзување на ендемичниот вид охридска пастрмка што секоја година заеднички го реализирааат Националната установа „Хидробиолошкиот завод“ од Охрид и концесионерот што стопанисува со рибниот фонд на Охридското Езеро досега годинава се обезбедени над 2,5 милиони зрна икра наменета за вештачки мрест, пренесува МИА.

Согласно плановите за одржување на прирастот на тој вид риба, предвидено е на годишно ниво на македонска и албанска страна да се обезбедат околу 3,5 милиони зрна икра.

Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод во Охрид денеска истакна дека веќе досега е реализиран планот за обезбедување икра за вештачки мрест од македонска страна, а според негови информации за порибувањето од албанска страна се обезбедени околу 800 илјади зрна икра.

Податоците на Хидробиолошкиот завод поажуваат дека последите години е забележливо повторно возобновување на рибниот фонд на Охридското Езеро.

– За потребите на мрестот се фатени и повторно вратени во Охридското Езеро над две илјади килограми охридска пастрмка. Показател е што годинава се фаќани матици коишто биле ловени пред неколку години и повторно дошле на својот мрест, додава Спиркоски.

Ристе Танасоски, менаџер на концесионерот „Пастрмка 2012“ што стопанисува со рибниот фонд во Охридското Езеро вели дека таквиот тренд делумно е последица на добрата физичка заштита на рибата од страна на рибочуварските служби, како и успешната соработка со надлежните институции.

– Вештачкиот мрест на охридската пастрмка во 2015 година е најуспешниот во последната деценија. Три години веќе учествуваме во вештачкиот мрест на пастрмката, а оваа година успеавме да собереме 2,5 милиони зрна икра од кои 2,1 милион на охридскиот, а остатокот на струшкиот дел од езерото. Иако собирањето икра е речиси завршено, ние и натаму ќе продолжиме со интензивната физичка заштита, се додека трае забраната за лов на пастрмката, рече Танасоски.

Негова оценка е дека исклучиво со максимална физичка заштита во текот на целата година може да се возобнови популацијата на охридската пастрмка.

– Риботкрадството во езерото откако тоа има концесионер е намалено за околу 95 проценти. Остануваат некои поединци рибокрадци кои можат да се набројат на прсти, но за поголемиот дел од нив веќе имаме започнато постапка до надлежните судови, дециден е Танасоски.

Во текот на минатиот месец откриени и запленети се стотина метри рибарски мрежи, како и одредена количина рибарски алат и прибор. Притоа спречени се и неколку обиди за криволов, при што се запленети седум килограми пастрмка, а поднесени се и кривични пријави против три лица што вршеле противзаконит риболов во Охридското Езеро