За возачка дозвола од Б-категорија од прва, најмалку 23.820 денари

Со нов правилник се менуваат цените на автошколите за обука на возачи, како и цените за спроведување возачки изпити на испитните центри. Првилникот е донесен и деновиве се очекува да се објави во Службен весник, а по осум дена да стапи во сила. Со него се ограничуваат само минималните цени под кои не смее да се оди, па дали полагањето возачки ќе поскапи или ќе поевтини, ќе се знае дури кога автошколите и испитните центри ќе одлучат за колку да го надминат дадениот лимит.

Според тој правилник, најниската цена за обука на возачи од Б-категорија, што подразбира управување со патнички автомобил со маса до 3.500 килограми и со не повеќе од осум седишта, изнесува најмалку 19.258 денари со ДДВ. Обуката за добивање возачка дозжвола од А-категорија за управување со моторцикли, трицикли и четвороцикли ќе изнесува најмалку 2.272 денара. Најскапо ќе чини обуката за добивање возачка дозвола од Д-категорија, потребна за возачите на автобуси – 25.000 денари. За да се дојде до дозвола од Ц-категорија за возачи на камиони со маса над 3.500 килограми, треба да се помине обука која чини најмалку 21.500 денари.

За најчестите обуки за возачка дозвола од Б-категорија на пример, предвидени се 20 наставни часови по 150 денари, плус 36 наставни часови по 370 денари, што вкупно изнесува 16.320 денари, на што се додаваат 2.938 денари ДДВ и се доаѓа до конечната минимална цена од 19.258 денари. За обуките за Ц1, Ц1Е, Ц, ЦЕ, Д1, Д1Е, Д и ДЕ не се наплатува ДДВ.

– Автошколата не може да определи пониска цена од минималната цена и не може на било кој начин да објавува и рекламира пониска цена за обука од минималната цена утврдена со одредбите од овој правилник, за која било категорија на возила, се наведува во правилникот.

За испитните центри, пак, цената на теоретскиот дел – тестовите се движи од 1.200 до 3.200 денари, а за најчестите полагања, оние за возачка дозвола од Б категорија е ограничена на најмалку 1.400 денари со ДДВ и тоа и за првиот и за вториот пат. Минималните цени за практичниот дел, односно полигон и градско возење што може да ги утврди испитниот центар, се движат од 1.200 до 3.200 денари. За првото полагање за добивање возачка дозвола од Б-категорија, на пример, се плаќа најмалку 2.800 денари со ДДВ. Минималната цена за полагање полигон по втор пат е 1.400 денари, а иста е и цената за полагање на градко возење по втор пат. На ова се додаваат уште 370 денари за користење на возилото.

Од автошколите појаснуваат дека утврдувањето на минималната цена на обуките е по нивно барање, за да им се обезбеди поголема сигурност и да се елиминира нелојалната конкуренција. Тие велат дека сегашните цени кои варираат од автошкола до автошкола се движат околу сега утврдените минимални и не очекуваат поскапување на обуката, иако секоја автошкола има можност да одредо повисока цена, согласно со својата деловна политика. Минималните цени за полагање на возачкиот испит утврдени со новиот правилник се пониски од сегашните, но дали тоа ќе значи поевтинување на полагањето за возачка дозвола, ќе зависи од одлуката на испитните центри, кои имаат право да ги зголемат колку што сакаат.
Минимални цени за Б-категорија со ДДВ
Обука 19.250
Тестови прв пат    1.400 денари
Тестови втор пат  1.400 денари
Полигон+градска  2.800 денари
Полигон втор пат  1.400 денари
Градска втор пат  1.400 денари