Зa заедничка Макдонија: Правдата ќе ги стаса сите протагонисти на сценариото за државен удар

Правдата ќе ги стигне сите кои се обидоа да го изведат скандалозното сценарио за државен удар, овој шверцерај во институциите, ние не се откажуваме, порачаа од пред Собранието претставниците на граѓанската иницијатива За заедничка Македонија во четвртокот на 67-от ден од нивните мирни протести против губењето на унитарниот карактер на државата содржани во Тиранската платформа којашто ја прифати СДСМ за неговиот челник Зоран Заев за да ја добие поддршката од албанските пратеници да го бара мандатот за формирање влада.

„На денешен ден ни го убија апостолот Гоце Делчев. Денеска нашето срце е со него, зашто и ние сме предадени“, истакна од пред Собранието членот на Граѓанската иницијатива, Борис Дамовски кој, заедно со насобраниот народ, го спушти знамето во чест на Делчев.

„Тука сме денеска во центарот на оваа нефункционална држава, но тука сме затоа што ја сакаме и сакаме да биде функционална. Тука сме повторно пред Собранието во коешто некој се обиде на шверцерски начин, како што се обиде да протне Тиранска платформа, да избере и претседател на Собрание. Талат Џафери е нелегитимен претседател на Собранието“, порача Богдан Илиевски.

Рече дека Џафери е незаконски избран и не може да биде претседател на Собранието на сите граѓани на Република Македонија.

„Без оглед на сета поддршка која му ја даваат оние кои работат на окупаторскиот монструм во Македонија, без оглед колку некој од надвор да сака тој да го има легитимитетот – го нема! Тоа не може никој да го промени, тоа го вели Уставот, тоа го вели Законот за Собрание, тоа го вели Деловникот за работа, а ние само го артикулираме. Тоа не е ничија измислица, тоа се напишани зборови, ама за зборови кои се темели на оваа држава. Оној кој сака да го руши темелот на Република Македонија, сака да ја урива и Република Македонија, и тука немајте сомнеж“, истакна Илиевски.

Порача дека граѓаните се борат за правда, за правна држава и како што вели, еден ден правдата ќе дојде.

„Правдата ќе ги стигне сите кои се обидоа да го изведат ова скандалозно сценарио за државен удар, овој шверцерај во институциите. До тој ден продолжуваме, не се откажуваме, не може да не скршат, не може да нé победат“, порача Илиевски.

Додека граѓаните скандираа „Македонија“ и „Избори“ на бината дојде актерот Ванчо Петрушевски.

„Народе македонски, од името на македонскиот народ му забрануваме на Зоран Заев да го употребува воопшто името и да го злоупотребува насекаде околу нас“, истакна Ванчо Петрушевски, по што народот почна да скандира „Предавник“.

Според Илиевски, Македонија секогаш имала „и вакви и такви“, но како што вели, доказ за нашето постоење денеска е дека на крај победувала идејата на великаните. Тој потсети на најпознатите мисли на Гоце Делчев: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот народ“; „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех. Јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква поради жестоките политички услови ќе биде и нашата“, истакнувајќи дека ова го кажувал Гоце Делчев пред повеќе од 113/114 години.

„Македонија никогаш нема да биде за нас опозиција. Секогаш ќе биде на прво место без оглед кој и да биде власт или кој и да се мисли дека ќе биде власт или ќе се обидува да ја окупира власта. Ние ќе сме тука и ќе се бориме и ќе победиме“, порача Илиевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.