Заблудите на Шкариќ наспроти одредбите на Уставот за распишувањето избори

Ниту мандатот на пратениците и на претседателот на Собранието престанува со распуштање на парламентот, ниту изборите се распишуваат пред чинот на распуштање како што во своето последно интервју тврди професорот по уставно право Светомир Шкариќ, доведувајќи ја јавноста во заблуда и прогласувајќи дека државата во моментов се наоѓа во правна криза, што е поголема од која било политичка или економска криза, пишува ДНЕВНИК.

Шкариќ, кој во последно време е познат по своите пропоозициски ставови, ваквите изјави ги даде по повод стапувањето на важноста на Одлуката за распуштање на собранието на 7 април, како и најавите на собранискиот претседател Трајко Вељаноски дека решението за распишување на изборите на 5 јуни ќе го потпише една недела подоцна односно на 15 април, со цел да и овозможи на Државната изборна комисија дополнително време да ги заврши обврските околу прочистувањето на Избирачкиот список.

Еве што вели Шкариќ во интервјуто, а што за секое негово тврдење велат Уставот и законите:

1 Престанување на мандатот по повод распуштање – Точно е тоа дека со чинот на распуштање на Собранието престанува мандатот на сите пратеници, но и на сите функционери во Собранието, вклучувајќи го и претседателот на Собранието. Со други зборови, ние во овој момент веќе немаме претседател на Собранието, ниту имаме потпретседатели. Тие се пратеници како и сите други пратеници и со одлуката за распуштање на Собранието и со нејзиното влегување во сила, фактички немаме претседател на Собранието – рече Шкариќ во интервјуто. Со ова фактички професорот тврди дека мандатот престанува во моментот на распуштање на парламентот и оти практично немаме власт се до новите избори. Но дали е навистина така? Што ако немаме политичка криза, туку едноставно настане некоја елементарна непогода или несреќа, која бара неопходна одлука на Собранието, а не се работи за до тој степен воена или вонредна состојба кога владеат посебни правила? Уставот го демантира професорот.

– Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Kонститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, пишува во првиот став на членот 63 од Уставот на РМ. Ваквата уставна одредба потоа е доопределена со два закона: Законот за Собрание и Изборниот законик. Во членот 5 од Законот за Собранието во делот посветен токму на почеток и престанок на мандатот на пратениците стои: „Мандатот на пратениците го верификува Собранието. Мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години“.

Во ставот 4 од членот 15 од Изборниот законик стои комплетно истата одредба која се однесува на мандатот на пратениците. Од каде тогаш дека мандатот на пратениците престанува со чинот на распуштање како што тврди Шкариќ. Дополнително, претседателот на Собранието, според Уставот и законите се избира од редот на пратениците и тој е „прв меѓу еднаквите“ во парламентот. Тоа значи дека неговиот мандат почнува и завршува како и на сите други.

2 Што е прво – распуштање парламент или распишување избори? – Од гледна точка на Уставот, бидејќи немаме претседател на Собранието, нема ни субјект што што може да ги распише изборите. Претседателот на Собранието требаше пред да се распушти Собранието да го донесе решението за распишување на изборите на 5 јуни, па потоа Собранието да го констатира распуштањето на Собранието. Тоа би било чисто правна ситуација. Но овде сега ситуацијата стои поинаку, Собранието е распуштено, а изборите не се распишани. Земјата влегува во правен вакуум, во кој ни јас не можам да понудам решение. Ова е доказ дека кога не се внимава на правото, земјата може да западне во поголема криза од економска или од политичка – вели Шкариќ за тоа што прво требало да се стори дали распуштање на парламентот или распишување избори. Еве како Уставот во членот 63 изрично го демантира професорот по уставно право: „Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба… Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници“. Ако се следи логиката на Шкариќ дека прво требало да има акт за распишување избори од страна на собранискиот претседател, а потоа распуштање на парламентот, тоа значи дека Вељаноски фактички им наложува на другите пратеници да донесат одлука за распуштање. Ваквата логика е апсурдна, бидејќи претседателот на Собранието е еднаков пратеник како и сите други, а и одлуката за распуштање ја носи парламентот и тоа со апсолутно мнозинство, пишува весникот.

Целиот текст прочитајте го на ДНЕВНИК

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.