Забрана на увоз на пилешко од Холандијa, поради птичји грип?

Агенцијата за храна и ветеринарство до крајот на денот ќе соопшти дали ќе воведе забрана за увоз на пилешко месо од Холандија, пренесува МИА. Како што соопшти директорот на Агенцијата Зоран Поповски на средба со новинарите, по вчерашната објава за појава на нов вид птичји грип во оваа земја, Македонија будно ја следи состојбата, но и препораките од Европската комисија.

– Ќе ги преземеме сите неопходни мерки, има план за постапување со авијарна инфлуенца. Попладнево ќе се знае сигурно дали ќе воведеме забрана за увоз на пилешко месо од Холандија. Најпрво ќе ги почекаме препораките од ЕК што треба да бидат донесени денеска, рече Поповски.

Вчера на една фарма во селото Хекендорп, централна Холандија, откриен е високо патоген вид на птичји грип смртоносен за живината, а од него, како што информираа холандските власти, може да се заразат и луѓето. Веднаш е воведена привремена забрана за транспорт на живина во радиус од еден километар околу сите живинарски фарми во Холандија.

Денеска се очекува Европската комисија да донесе одлука за итни времени превентивни мерки кои ќе ги опфаќаат зоните означени од холандските власти во кои се наоѓаат живинарските фарми од кои ќе биде забранета продажба на секакви пилешки производи во други земји-членки на ЕУ и во трети земји.

Холандија во 2003 година беше погодена од вирусот Х7Н7 на птичјиот грип и тогаш беа уништени 30 милиони птици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.