Забрана за педалинки на струшкото крајбрежје

Посетителите на струшкото крајбрежје ова лето нема да можат да се рекреираат со педалинки, бидејќи општината со одлука на советот, ја забрани нивната употреба. Причина за тоа се бројните несреќи со смртни последици изминатите години, вели градоначалникот Мерко. Додава дека нема намера да попушти по ова прашање, дотолку повеќе што овие пловни објекти за забава согласно законот се третираат како урбана опрема за која дозвола издава локалната самоуправа, а не Капетанијата на пристаништата.

Освен за безбедноста, потребно е сериозно да се размислува и за еколошкиот аспект од употребата на пловни објекти на Охридското Езеро, велат експертите. Од година во година расте бројот на бродови, катамарани и други пловила кои се користат во комерцијални цели за превоз на патници. Без исклучок, сите тие користат мотори со внатрешно согорување.

Еколошките организации веќе неколку години укажуваат на потребата од внимателно планирање на туристичкиот развој на Охридско – струшкиот регион. Со помош на експерти од еминентни универзитети во Британија тие го развиваат концептот „Smart Ohrid“ кој предвидува користење на бродови на соларна енергија и пловни објекти кои нема да ја загадуваат животната средина,  но и изградба на велосипедска патека околу целото езеро и модерниација на јавниот сообраќај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.