Забрана за тешки товарни возила на патниот правец Кратово-Пробиштип

На регионалниот пат Пробиштип – Кратово e забранетo движење на автобуси и товарни моторни возила со тежина над 7,5 тони поради појава на свлечиште.

Како што соопшти АМСМ, забрана за тешки товарни возила има и на патниот правец Радовиш – Конче. На 11-тиот километар на овој патен правец има свлечиште поради што сообраќајот се одвива по една коловозна лента за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

Сообраќајот на сите останати патишта во Македонија се одвива без забрани, по претежно суви коловози.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони.

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.