Забрзано се гради нов монтажен премин

Доброволци и војници на АРМ со тешката механизација ги засилуваа старите и правеа нови насипи за заштита на Новаци. Екипи на РЕК-Битола и на ФОД викендов ќе работат за мостот да биде завршен до утре и од понеделник повторно да биде воспоставен сообраќајот на овој патен правец, пишува Нова Македонија.

Привремениот мост ќе биде отстранет, а на негово место ќе се монтира поголем за сообраќај на возила

Новите поројни дождови не предизвикаа големи штети и состојбата во Новаци полека се стабилизира. Надојдените води се разлеаја низ пелагониската рамница, која деновиве личи на големо и непрегледно езеро и се чини дека нема опасност од поплавување на селото Новаци. Жителите се претпазливи, бидејќи со Црна Река доаѓаат нови води. Благодарение на прекинот на дождовите и со пресекување на регионалниот пат кон Битола, селото Новаци се спаси од поплавување. Но ваквото „пренасочување“ ги загрози селата Рибарци и Гнеотино, каде што се упатија надојдените води.

Вчера доброволци и војници на АРМ со тешка механизација ги засилуваа старите и правеа нови насипи за заштита на Новаци. Стручните екипи на РЕК-Битола и на ФОД се договараат за изградбата на новиот монтажен мост, кој треба да биде монтиран на пресечениот регионален пат Битола – Новаци.

– Со пренасочување на сообраќајот преку патот за Ношпал до Тополчани, во извесна смисла се реши проблемот со сообраќајот, но одлучивме да изградиме нов монтажен мост, кој ќе го поставиме на пресекот. Тој ќе се користи за лесни патнички и за тешките товарни возила и за автобусите што ги превезуваат работниците – нагласи директорот на РЕК-Битола, Јовко Крстевски.

Тој додаде дека екипи на РЕК-Битола и на ФОД викендов ќе работат деноноќно, за мостот да биде завршен до утре и од понеделник повторно да биде воспоставен сообраќајот на овој патен правец.

Во Новаци вчера состојбата беше посмирена, но се работеше во вонредни услови. Контингент војници полнеа вреќи со песок за заштита на куќата на Станко Мицевски, која најмногу настрада во поплавите, а другите екипи од кризниот штаб работеа на испумпување на водите од дворовите и куќите во селото.

– Состојба е подобра од таа пред неколку дена. Нивото на Црна Река изнесува 4 метри, а падна нивото на водите по полето за 20 сантиметри. Интензивно се работи на утврдување на насипите што се изградени – вели градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски.

Семејството Мицевски од Новаци, чија куќа е целосно поплавена, привремено е сместено во студентскиот дом во Битола и ќе остане додека таму не се создадат услови за негово враќање во куќата.

Иако Новаци е опколено со вода, жителите се жедни бидејќи нема технички исправна вода за пиење. Хумани луѓе донираат вода за пиење, средства за дезинфекција, лична хигиена и слично. Жителите, работници од комуналното претпријатие, локалната самоуправа постојано се на терен и помагаат при испумпувањето на водата од поплавените куќи. Дваесетина пумпи се доставени од ЦУК и 4 од пожарната од Битола, а помош пристигна и од градот Скопје, од каде што се испратени 2 пумпи со поголем капацитет со деветчлена екипа што работат на испумпување на водата.

Општината Новаци набави 50 пара гумени чизми и 50 кабаници, кои им ги подели на населението и на лицата што интервенираат на насипите. Општината одржа вонредна седница за актуелната состојба со поплавите. Почната е и постапка за отворање посебна финансиска сметка за донации.

Критична е состојбата и во Могила, каде што поради поплавите непрооден е регионалниот пат од Могила кон Будаково, меѓу селата Радобор и Чарлија, стариот пат за Прилеп кон Тополчани на потегот од селата Вашарејца – Лознани. Целосно отсечени се селата Добрушево, Дедебалци, Трап и Будаково, а поплавени се и селата Ношпал, Вашарејца, Долна и Горна Чарлија и Радобор.

Поради непроодните патишта беа спречени нормалното функционирање на граѓаните и нормалното одвивање на наставата во овие села. Наставата не се одржа во селата Радобор и Чарлија и децата од 6-то до 9-то одделение не беа донесени на настава во централните училишта поради непроодноста на патот и нивото на водата што се излева преку патот во висина од 1,5 до 2 метри.

Од надојдената вода е срушен мостот во Дедебалци кон Добрушево. Секојдневно во општината Могила пристигнуваат различни донации од поголеми фирми во Битола, граѓани што сакаат да донираат. Претежно донациите се состојат од амбалажирана вода за пиење, ќебиња, хигиенски средства.

Мошне критична е состојбата и во неколку битолски села: Поешево, Оптичари, Егри, Кравари, каде што се испратени тешки градежни машини и друга механизација за  справување со водите, а загрижува состојбата со појавата на свлечиштето кај селото Кукуречани, Битолско.


Седумгодишно дете жртва на водна лавина

Дете од кумановското село Никуштак вчера се удавило во воден порој што се спуштал низ планината, информираа од СВР-Куманово.

Неофицијално, трагедијата се случила вчера околу пладне, додека детето со своето братче одело на училиште, кога поројот вода наишол и ги повлекол. Едното дете успеало да го спаси жена што се нашла во близината на местото на несреќата, а неговото братче било пронајдено подоцна. Веднаш е пренесено во Медицинскиот центар во Куманово, но лекарите само ја констатирале неговата смрт.

Според кажувањата на дедото, кој дошол вознемирен во болницата, неговото внуче било на седумгодишна возраст.

Од СВР-Куманово ја потврдија веста, но не можеа да дадат повеќе информации бидејќи нивните екипи до затворањето на денешниот број од весникот сѐ уште вршеа увид.


Атмосферската вода го прекина сообраќајот низ Кичево

Надојдените води од населбата Ивандол и затнатите цевки од атмосферската канализација создадоа вистинско езеро во близината на мелницата и на неколку часа го прекинаа сообраќајот на магистралниот пат Кичево – Охрид.
– Се работи за проблем што постои повеќе години. Атмосферската канализација на овој потег е налеана со песок и со земја и тоа е причината зошто надојдените води не можат да истекуваат и водата се заезерува на магистралниот пат. Длабочината на ова „езеро“ е од 50 до 60 сантиметри. Службите од „Комуналец“ се обидуваат барем делумно да го решат овој проблем, за да може сообраќајот да се одвива непречено – рече Рајна Алексоска од комуналното претпријатие.

Додека не се реши овој проблем, возилата се насочуваат на споредни патишта. Инаку овој пат е во надлежност на Републичкиот фонд за патишта. Капаците и решетките се одамна украдени и не се поставени нови и тоа е причината зошто е затната атмосферската канализацијa. З.А.


Опасност од излевање на Градска Река во Прилеп

Црна Река е на нивото од претходните денови, но се зголеми нивото на Градска Река. Екипите се на терен и се максимално ангажирани за справување со последиците. Ова го изјави градоначалникот Марјан Ристески, посочувајќи дека прелевањето на водата од вештачкото езеро е за 2.500 литри во секунда.

– Моментално на терен се ангажирани 150 лица војници и вработени од ЈП. Во Тополчани се работи на дозаградување на трафостаницата, која е главен снабдувач со електрична енергија. Градска Река кај Кадино Село направи отвори во насипот. До синоќа затворивме два, а денеска треба да се насипат уште, да го заштитиме населението. На долниот потег од Градска Река, во градот, се поставуваат вреќи на одредени делови каде што постои опасност од излевање – истакна градоначалникот Ристески.

Командантот на касарната „Мирче Ацев“, полковник Жарко Ристески, посочи дека на терен се испратени 100 војници што се ангажирани во тополчанскиот регион и во околината на Новаци.

– Ние сме мобилни и на располагање на кризните штабови. Во касарната ќе бидат складирани околу 3.000 литри вода, кои ќе се распределуваат по потреба во поплавените подрачја – додаде Ристески.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека водата во пет населени места не е за употреба.

– Од анализите утврдивме дека во водата во населените Канатларци, Ерековци, Тројкрсти, Чепигово и Кадино Село има ешерихија коли и стрептококус фекалис, кои се индикатори за фекално загадување, што значи дека водата не е бактериолошки безбедена да се консумира. Останува препораката да се користи вода од шишиња – изјави епидемиологот д-р Горан Кузески.

Инаку, досега до комисијата за елементарни непогоди на општината Прилеп се доставени 45 барања. По 30, вели Александар Неделкоски, претседател на комисијата, е постапено, односно стручните лица излегле на терен, додека денеска ќе се постапува по уште 15 барања. Пријавувањето на штетите ќе биде до 13 февруари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.