Зад протестите за „Монструм“ се крие верски радикализам

Позадината на дел од демонстрантите кои протестираат за пресудата на случајот „Монструм“ е верски радикализам, додека на дел е албански национализам. Во ова се согласни  дел од аналитичарите и албанските медиуми од регионот. Протестите проследени со радикални исламски елементи покажуваат една друга вистинска причина за овие протести, пишува порталот Курир.

Познавачите сметаат дека чудните верски елементи во сите овие протести отвораат една сосема друга дименизја од она што е официјално кажано, незадоволство од пресудата.

„Повикот што беше објавен по социјалните мрежи беше со голема Албанија. За време на протестите видовме разни знамиња кои главно се верски, симболи кои ги гледаме на Блискиот Исток. Сето тоа отвора едно сосема друго прашање, една друга вистинска причина за овие протести“, смета аналитичарот Александар Дамовски.

Голем дел од познавачите на оваа тематика се децидни дека сценаријата за протести се поттикнати од радикални исламистички групи.

monstrum

„Да не забораваме дека протестантите тргнуваат од џамија, а тоа многу кажува, бидејќи познато е што се случува во нашите џамии од кои неколку, ако не се лажам, се одметнати од ИВЗ“, рече во изјава за Курир, поранешниот амбасадор и актуелен политички аналитичар, Ристо Никовски.

Реисот-ул-улема Сулејман Реџепи денеска реагираше за случувањата на неодамнешните протести по изрекувањето на пресудата. Тој остро ги осуди протестите и манипулациите што се појавиле на истите.

„На протестите во Скопје имаше премногу хорор. Видовме странски знамиња со арапски текстови, кои не и припаѓаат на нашата нација, нашата држава, па дури и на нашата вера. Тоа беа знамиња на обични манипулатори. Зошто е потребно знамето на Саудиска Арабија да се вее пред носовите на македонските полицајци. Јас не верувам дека арапската држава ќе им дозволи да манипулираат со националното знаме. Таквите лица, без сомнение, се вклучени со цел да се девалвира национален или верски протест“, потенцира Реис Реџепи.

Реагираа и албанските медиуми од Балканот, кои потенцираат дека самиот начин на искажување незадоволство ги пренасочува албанските проблеми.

„Проблемите на Албанците во Македонија се од етнички и политички карактер и нема простор за верските проблеми. Самиот начин на искажување незадоволство со верски извикувања и верски знамиња, создава збунетост (конфузија) и ги пренасочува албанските проблеми“, изјавил висок официјален претставник на Владата во Тирана за приштински „Експрес“.
Весникот исто така прашува дали во Скопје протестираа Арапи или Албанци и наведува дека преку социјалните мрежи мнозинството Албанци искажуваат критики за формата и „злоупотребата на протестот од страна на некои елементи и лица со верска позадина“.