Зад снимањето стои странска разузнавачка служба чиј главен соработник е Верушевски

Според досегашните сознанија кои ги добив од МВР зад снимањето стои странска разузнавачка служба чии главен соработник во Република Македонија е лицето З.В. кој развил своја агентурна мрежа во Македонија, истакна премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција.

-Во неговиот лап топ покрај останатите работи, пронајдени се и транскрипти на телефонски разговори преведени на англиски јазик, пред кои стои опис на имињата на лицата кои го водат разговорот и нивните меѓусеби релации, а исто така во матерјалите има и политичка анализа. И според овие информации, но и според повеќе други, со кои располагаат институциите и кои се обезбедени во процесот, јасно е дека материјалот бил наменет за надворешни лица кои не го разбираат македонскиот јазик, и кои недоволно добро ги знаат политичките и други јавни личности од РМ. Затоа било потребно да се преведат разговорите, да се опише кој со кого зборува, каква функција имат тие луѓе во Македонија и кои се нивните меѓусебни односи со цел нарачателот да има целосна и јасна слика, со анализа поткрепена со транскрипти од конкретни разговори помеѓу истакнати личности во политичкиот живот, рече Груевски.

Дел од пронајдениот матерјал кај лицето З.В. пронајден е и во компјутерот на неговата сопруга, потенцираше Груевски, која го користела на нејзиното работно место во една финасиска организација во сопственост на приватна компанија од една соседна држава.

-За тоа дали лицето З.В. и неговото семејство имале или не одредени незаконски дејствија, укажуваат и нивните панични реакции во обид со секира да го скршат комјутерот, низ прозор да ги фрлат мобилните телефони во кои испраќањето на пораки било со шифри со комбинација на броеви, и за нивната инволвираност прибавените докази МВР ги достави до јавното обвинителство и ќе бидат презентирани пред судот во понатамошната постапка. Дали некој од Вас доколку е невин, и по некој случај му дојде полиција за претрес, ќе го крши компјутерот со секира, ќе го фрла мобилниот телефонот низ прозор, и дали некој нормален човек со сопругата и децата се допишува наместо со букви, со бројки, шифри кои секој од нив знае како да ги дешифрира и да ги претвори во текст, додаде премиерот.

За среќа, рече Груевски, се ова е дешифрирано и обезбедено како доказ за на суд.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.