Заднината на убиството на градоначалникот на Боговиње

(Фото: Алсат-М)

Крвавите дамки брзо ќе бидат исчистени, но тетовско Боговиње долго ќе го памети вчерашниот ден кога во бурекџилницата во близина на општинската зграда беше убиен градоначалникот Хазби Идризи, откако во него пукал 53-годишниот инженер Абази Ќасани кој до неодамна бил вработен во општината, се наведува во прилогот на телевизијата Сител.

Како што објави во саботота јавното обвинителство Абази Ќасани го забележал градоначалникот во бурекџилницата, по што излегол од автомобилот и се упатил внатре. Потоа избувнала жестока распоравија, по којашто 53-годишниот инженер извадил пиштол и речиси целиот шаржер го испразнил во градоначалникот Идризи. Испукал шест куршуми од кои дури четири завршиле во телото на Идризи, а еден во главата. Повредите биле фатални.

Иако веднаш со автомобил бил префрлен во тетовската болница, петте прострелни рани не им оставиле на докторите простор да му помогнат на градоначалникот. Смртта е констатирана веднаш по неговото пристигнување во болницата.

Ќасани по убиството побегнал од бурекџилницата и со автомобилот се упатил кон својот дом. Последниот куршум го чувал за себе. Си пукал во главата, но не починал веднаш. Бил префрлен во тетовската болница, каде лекарите го интубирале и го испратиле во Скопје. Починал само што бил примен на скопските клиники.

И покрај настојувањата на Сител, од министерството за внатрешни работи, коешто во моментов го раководи кадар на ДУИ, не сакале да зборуваат пред камери за убиството на градоначалник од нивните партиски редови.

Инаку во писменото соопштение не се откриваат детали за мотивот за убиството. Во отсуство на официјални информации, во Боговиње се споменуваат неколку верзии кои го навестуваат мотивот на убиецот.  Тој бил вработен во општината, а според неофицијални информации градоначалникот му забележувал за пропусти и несовесно работење. Ситуацијата ексалирала кога добил отказ.

За да се смират тензиите, градоначалникот Идризи му ветил вработување, но Ќасани бил нестрплив. На убиството му претходеле неколку расправии. Речиси сите жители на Боговиње знаеле за односот меѓу градоначалникот Идризи и Ќасани, но никој не се надевал на ваков трагичен крај.

Од партијата на Идризи во саботата преку писмено соопштение му изразија сочуство на семејството на градоначалникот и побараа институциите целосно да го расветлат случајот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.