Задолжителна регистрација на е-Даноци за годишни ДДВ обврзници кои преминуваат во тримесечни

Со измените и дополнувањата на Законот за ДДВ се укинува можноста како даночен период да се смета календарска година.

УЈП на сите годишни ДДВ обврзници кои од 1 јули 2014 година преминуваат во тримесечни ДДВ обврзници ќе им достави „Решение за измена на даночен период за ДДВ“. За прв даночен период во 2014 година, ќе се смета периодот од 1 јануари до 30 јуни 2014 година за кој оваа категорија на ДДВ обврзници ќе треба да поднесат ДДВ-04 пријава преку е-Даноци и да извршат плаќање на ДДВ-обврската најдоцна до 25 јули 2014 година.

Според последните податоци на УЈП, од вкупно 10.793 годишни ДДВ обврзници кои од наредниот месец ќе преминат во тримесечни ДДВ обврзници, 444 сеуште ја немаат исполнето обврската за регистрација на системот за електронско пријавување на ДДВ преку системот е-Даноци https://etax-fl.ujp.gov.mk

Овие обврзници потребно е да преземат чекори и навремено да се регистрираат на е-Даноци, во спротивно нема да бидат во можност да ги запазат законските рокови за пријавување на ДДВ.

Постапката на регистрација на е-Даноци се врши преку веб страницата https://etax-fl.ujp.gov.mk