Заев: Ако сме внимателни и водиме сметка и за грчката страна ќе најдеме решение

Премиерот Зоран Заев кој денеска по повод празникот Водици беше во Струга изрази уверување дека ќе биде изнајдено решение за проблемот што Грција го има со уставното име на Република Македонија.

– Јас сум оптимист, верувам дека помеѓу две земји, кои се пријатели и имаат намера да бидат уште поблиски, ќе се изнајде решение каде ќе се сочува достинството на двете страни, а ќе биде придобивка за граѓаните на двете земји – рече тој одговарајќи на прашања на новинарите

Тој забележа дека за суштината на разговорите, предлозите, рамката што е испорачана не би требало јавно да се зборува за да не се уништат шансите во преговорите.

– Гледате дека се води транспарентен процес, сакаме национален консензус да го изградиме решението и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат, убеден сум дека ако бидеме внимателни, па и да водиме сметка и за грчката страна ќе најдеме решение за ова прашање што не измачува 25 години – рече тој.

Што се однесува на одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да стави вето на Законот за јазиците, Заев рече дека сè што е донесено во Законот во насока на унапредување на јазиците е согласно Амандманот 5 од Уставот на РМ.

– Вредно е да се заложиме за едно опшество за сите, Македонија е мајка на сите граѓани, треба да подадеме рака, да имаме доверба во институциите. Доколку нешто не е согласно Уставот, постои Уставен суд, ќе се произнесе со мислење и Венецијанската комисија. Треба да внимаваме и со пораките сите затоа што треба и ова политичко прашање прашање да спласне за да се посветиме за подобар живот и перспактиви за сите, нагласи тој.

Претседателот на Владата рече дека е повеќе од задоволен од посетата на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Македонија, како и од охрабрувачките пораки што ги пренесе тој.

– Генералниот секретар испрати охрабрувачка порака, но истовремено тоа претставува и обврска за спроведување на реформите. Треба да ги сработиме реформите, тие не се услов за НАТО, но тие се услов за благопријатна состојба на граѓаните и нивниот живот. Треба да го сработиме тоа, знаете дека услов е решавање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, но се надевам дека оваа година Македонија може да ја добие поканата да биде 30-та членка на НАТО – рече Заев.

Тој апелираше и до граѓаните и до медиумите да бидат трпеливи.

– Треба да бидеме посветени, сè што ќе правиме ќе биде проверено на референдум. И ние и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и другите политички партии имаме или исти или приближни ставови по тоа прашање…Ќе водиме грижа за нашиот идентитет, за достоинството на нашиот народ, но мораме да водиме грижа и за сегашните и идните генерации – истакна тој.

Премиерот во оваа прилика потврди дека веќе е договорена средба со неговиот грчки колега Ципрас на 24 овој месец во Давос.

 

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.